fbpx

Стојанов: Без N95 маска не влегувајте во маркет и во автобус

-

Изминатиов период во континуитет расте бројот на нови ковид случаи кај нас, но и во земјите во регионот и пошироко. Она што може да се забележи од дневните извештаи на Министерствотто за здравство, е дека расте и бројот на реинфекции, што покажува дека оние кои веќе прележале не се отпорни на вирусот. Исто така, ако до пред некој ден процентот на позитивни од вкупниот број тестирани се движеше околу една третина, последната статистика од вчера покажа дека 44,6 отсто од тестираните лица се позитивни.

Додека се чека денеска членовите на Комисијата за заразни болести да одлучат дали и кои мерки ќе се воведат за да се заштити населението, епидемиолозите сметаат дека е најважно и неопходно е да се врати задолжителното носење маски.

Истите мерки се повторуваат две и пол години

„Истите мерки ги зборуваме две и пол години, тоа важи и сега. Да се избегнуваат лични контакти, да не се влегува во гужви, да не се влегува во маркети, во автобус. Ако веќе се влегува, да се стави маска и тоа не обична хируршка, туку Н95 маска. Треба да се избегнуваат гужви затоа што каде што има многу луѓе, таму се шири ковид. Во сите туристички земји пораснаа бројките. На Миконос повеќе од 53,4 од вкупното население е позитивно. Многу лесно се шири оваа подваријанта на омикрон. Не знам дали кај нас се прави секвенционирање, но варијантата е таа“, вели епидемиологот д-р Александар Стојанов.

Како што тој вели, добро во ситуацијава е тоа што во летните месеци училиштата не работат, а и децата што посетуваат градинка се помалубројни. Подобра заштита според него, ќе има кога ќе се изработи новата вакцина која ќе биде поефикасна за сите соеви на вирусот.

„Овие вакцини кои сега ги имаме се димензионирани на вирусот од Вухан. Модерна и Фајзер веќе прават нова вакцина, очекуваме да ја имаме во септември. Надлежните треба нон-стоп да им кажуваат на луѓето да се вакцинираат бидејќи ни 50 посто не беа вакцицирани со две дози. Со трета доза максимум да се 20 отсто од населението. Не може да се размислува во насока на тоа ‘имам две дози и доста ми е’“, предупредува Стојанов.

Досега вакцинирано 46,6 отсто од населението

Од почетокот на процесот на вакцинација во земјава, со две дози се вакцинирани 46,6 отсто од вкупното население, односно две дози примиле 856.132 лица. За споредба, во Словенија која има приближно ист број жители како С. Македонија од земјите во регионот, вакцинирани со две дози се 57 проценти од вкупното население.

За Мета, во Министерството за здравство информираат дека од први јули наваму, откако се даде можноста за вакцинација со четврта доза, значи за дваесетина дена се вакцинирале вкупно 4.259 лица. Најголем дел од овие вакцини се за четврда доза, односно 3.472. Трета доза во овие дваесетина дена примиле 648 лица. Со прва доза вакцина се вакцинирале само 76 граѓани, а со втора 63.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...