Основниот кривичен суд Скопје го осуди Стојанче Јовановски на 12 години затвор за насилството и смртта на Ивана и Катја.
Јовановски беше обвинет за телесни повреди сторени како продолжено дело при семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство. Во текот на судскиот процес, тој негираше дека трагедијата е последица на неговите постапки.
Од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека пресудата е донесена согласно правилата за одмерување казна кога постои стек на повеќе кривични дела.
„Во конкретниот случај вкупниот збир на казните за сите три дела е 13 години, а како единствената мора да биде поголема од секоја одделна казна, но не смее да го достигне збирот на утврдените казни, утврдена му е единствена казна затвор во траење од 12 години“, наведуваат од Кривичниот суд.
Како што информираат оттаму, за секое од делата биле изречени максимални казни, пет години затвор за телесни повреди при семејно насилство, три години за загрозување на сигурноста и пет години за наведување и помагање во самоубиство.
