Стојанче Ангелов, поранешен директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), од денеска, 27 мај 2025 година, е именуван за в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Оваа промена, според соопштението од ЦУК, е резултат на претходен договор со премиерот Христијан Мицкоски.

Во своето соопштение, Ангелов вели дека ДЗС се соочува со сериозни предизвици, вклучувајќи недостаток на пилоти, проблеми со сервисирање на ер тракторите и отсуство на договори со тимовите за брз одговор, особено оние за гаснење пожари на отворен простор. Дополнително, некои членови на овие тимови немаат соодветна опрема, обука и физичка подготвеност.

„Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во лоша состојба, со недостиг на квалификувани инспектори и сомнежи во валидноста на издадените дозволи. Исто така, во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, кои се чуваат на несоодветен начин“, вели Ангелов.

Тој нагласи дека, и покрај овие предизвици, во Дирекцијата работат способни и искусни лица кои не се наоѓаат на соодветни позици и изрази решеност да ги надмине овие недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на ДЗС во полна функција.

Инаку, Ангелов потсетува дека стратешката заложба на Владата е формирање на нова институција која ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС. Тој изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и Владата за укажаната доверба.

Оваа промена доаѓа во време кога ДЗС се соочува со сериозни предизвици, вклучувајќи недостаток на пилоти за гаснење пожари. Дирекцијата располага со три ер-трактори, но само еден активен пилот, поради што се нарушува функционалноста на системот за управување со безбедноста. Претходниот директор, Шабан Салиу е еден од осомничените за пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 62 лица. Тој неодамна замина од пртивор во домашен притвор.