Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, присуствуваше на прием организиран од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во чест на младите спортисти учесници во кампот „Србија те зове 2025“, соопшти Владата.
Шестиот по ред спортско-едукативен собир на деца и млади од дијаспората „Србија те зове“ се одржува во комплексот на Домот на ученици од средните училишта „Патријарх Павле“ во Белград, а годинава на него учествуваат и деца од Северна Македонија.
Приемот во Палатата Србија, освен Стоилковиќ, го посетија и српскиот министер без ресор задолжен за односи со дијаспората Ѓорѓе Милиќевиќ, како и српскиот министер за спорт Зоран Гајиќ, објави македонската влада.
Како што додаваат оттаму, кампот, кој започнал на 2 август, годинава бележи рекордни 436 учесници од 18 земји, меѓу кои најбројни се од Босна и Херцеговина и од Северна Македонија. Покрај спортските активности, програмата вклучува воспитно-образовни содржини, меѓусебно дружење и создавање нови пријателства, како и запознавање со историјата и туристичките атракции на Белград.
