Група од 100 студенти и професори од Универзитетот „Кирил и Методиј“ од 7 до 9 март ќе престојуваат во Солун. Македонските студенти на покана на грчката невладина организација „Друштво за македонски студии“ во тек на тридневниот престој ќе ги посетат солунските универзитети и знаменитости. Посетата на македонските студенти доаѓа по ланската посета на група грчки студенти од солунските факултети, кои присуствуваа на предавања на УКИМ и имаа еднодневна обиколка на музеите низ градот.

Посетата е за подобро запознавање на младите студенти од двете страни, продлабочување на довербата и на пријателствата и за разгледување на можноста за соработка меѓу академските заедници во Грција и во Македонија.

За време на посетата, студентите и професорите од Институтот за политички науки при Правниот факултет, Институтот за историја, Филолошкиот факултет и Факултетот за археологија ќе имаат средби со нивни колеги од факултетите „Аристотел“ и „Македониа“.

Студентите ќе ги пречека и ќе ги поздрави ректорот на „Аристотел“, Периклис Митикас.

Како што информираат од „Друштво за македонски студии“, иницијативата за покана на студентите е инспирирана од неодамнешната изјава на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, за грчките медиуми дека грчкиот и македонскиот народ имаат многу заеднички точки.

– Тогаш, време е да се запознаеме – се вели во соопштението за настанот од грчката организација.