fbpx

Сто јавни личности побараа од српскиот омбудсман да се кандидира за претседател на државата

-

Стотина јавни личности во Србија, меѓу кои угледни книжевници, новинари, глумци и професори, денеска упатија апел до народниот правобранител, Саша Јанковиќ, да се кандидира за претседател на Србија како непартиски кандидат и ги повикаа демократски ориентираните граѓани и партии да ја поддржат оваа иницијатива.

Тие оценуваат дека Србија веќе неколку години се соочува со длабока и тешка криза, дека институциите се разорени или под притисок, како и дека сиромаштијата е реалност за мнозинството граѓани и додаваат дека граѓаните имаат можност да почнат да ги менуваат работите на претседателските избори кои треба да се одржат следната година.

Меѓу потписниците на апелот се и писателот Драган Великиќ, режисерот Горан Марковиќ, глумците Небојша Глоговац, Бранко Цвејиќ, Воја Брајовиќ, Никола Којо, Никола Ѓуричко, Предраг Ејдус и Радослав Миленковиќ, универзитетските професори Илија Вујачиќ, Ратко Божовиќ и Миодраг Зец, правниците Вида Петровиќ-Шкеро и Зоран Ивошевиќ и други јавни личности.

Јанковиќ, кој од позицијата омбудсман често ја критикува власта и кого медиумите подолго време го споменуваат како можен заеднички кандидат на опозицијата на претседателските избори, сè уште не реагирал на овој апел.

Апелот го поддржаа претседателот на опозициската Нова партија, Зоран Живковиќ, кој на „Твитер“ напиша „поддршка“, додека поранешниот претседател на Демократската партија, Бојан Пајтиќ, исто така на „Твитер“ напиша дека апелот „покажува дека има надеж за Србија“.

Како можен претседателски кандидат медиумите го споменуваат и поранешниот шеф на дипломатијата и кандидат на Србија за генерален секретар на Обединетите нации, Вук Јеремиќ.

Исто така, се очекува на изборите да се кандидира и лидерот на Српската радикална партија и поранешен обвинет од Хашкиот трибунал, Воислав Шешељ.

Кандидатот на владејачката Српска напредна партија засега сè уште не е официјално соопштен, но се верува дека тоа ќе биде актуелниот претседател Томислав Николиќ, и покрај тоа што одредени аналитичари веруваат дека на кандидатура во последен момент може да се одлучи и актуелниот премиер, Александар Вучиќ, кој засега ја негира таквата можност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...