Стипендии за 287 деца со попреченост со кои ќе се поддржи инклузивното образование

Фото: МОН

Со обезбедувањето стипендии за 287 деца со попреченост кои се запишани оваа учебна година во прво и второ одделение, се поттикнува запишувањето на учениците со попреченост во редовното образование и се поддржува инклузивното образование за секое дете, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на денешното одбележување на почетокот на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.

„Инклузивното образование е процес со кој треба да излеземе во пресрет и да одговориме на различните потреби на учениците, преку обезбедување на пристапност, соодветна поддршка, зголемување на нивното учество во учењето, во училиштето и во заедницата. Сето тоа вклучува разумно прилагодување на образовните содржини, соодветни наставни приоди и организација на воспитно-образовниот процес, за да се овозможи квалитетно образование за секое дете “, укажа Царовска.

Проектот овозможува и туторска поддршка на овие деца, со што 30 тутори кои поминаа низ процес на обука ќе им даваат дополнителна поддршка на децата во совладување на наставната содржина.

МОН го донесе Упатство за начинот на соработка помеѓу основните училишта со ресурсен центар, центрите за поддршка на учењето и другите основни училишта, со кое се регулира начинот на поддршка, роковите и начинот на финасирањето на поддршката. Министерката Царовска рече дека е спроведена анкета со сите посебни училишта и училишта кои имаат посебни паралелки, а  кои треба да продолжат да функционираат како ресурсни центри и центри за поддршка, со цел да ги согледа нивните моментални капацитети и да се подготви план за реонизација, односно да ја определи територијата за обезбедување на поддршката.

Во финална фаза се подготовките за услугата од образовна асистенција, што ќе се испорачува согласно Законот за основно образование и ќе се финансира од Буџетот на МОН за 2021 година. Исто така, во тек е реализацијата на Проект за непречен пристап во 12 образовните институции низ државата – 4 основни училишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion, а градежните активности треба да почнат во првата половина на 2021 година .

Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по Чекор“ истакна дека стипендиите се наменети за ученици со попреченост кои се вклучени во редовниот образовен процес. Додека пак, Мирјана Атанасова Барзанова, мајка на дете стипендист, заблагодарувајќи се за стипендијата, рече дека средствата добро ќе им се најдат во овие услови на пандемија.

На настанот се обрати и Евроамбасадорот Дејвид Гир, кој рече дека преку овие стипендии се поттикнува инклузивноста на лицата со попреченост.

“На овој начин се бориме против дискриминацијата, ја промовираме еднаквоста и го подобруваме пристапот до образование”, посочи Гир.