Проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП) почнувајќи од четврток, почнува со процесот на подготовка на туристички пакети кои би се реализирале во Полошкиот регион во Македонија и во регионот Елбасан во Албанија.
Во рамките на програмата на подготвителни состаноци за прекугранични пакети на услуги и искуства, првиот ќе се одржи в четврток и петок во Елбасан. Се очекува учесниците – бизниси, академици, невладини организации, локални и регионални власти, како и проектниот персонал од двете страни на границата да ја дефинираат рамката за заеднички туристички пакети кои би се реализирале заеднички во Македонија и во Албанија.
Основа ќе бидат производите и услугите што ги нудат членовите на мрежата на СТЕП, па доколку некои туристички капацитети од оваа мрежа вовеле нови услуги или производи, треба да ги достават до персоналот на СТЕП.
Пакетите што ќе се креираат ќе комбинираат превоз, сместување и храна и секогаш ќе вклучуваат локации и атракции од двете страни на границата меѓу Македонија и Албанија.
Ќе се дизајнираат имајќи предвид одредена област на интерес, како уметност, храна и вино, спорт, култура или земјоделство. Се планираат и пакети „Авантура“, кои ќе вклучуваат качување по карпи или планинарење, пешачење, скијање или возење велосипед.
Од СТЕП предвидуваат и тури со целосна придружба. „Тие честопати се добар избор за осамени патници или мали групи. Овој вид тури нуди чувство на сигурност или надминување на јазичните и културните пречки. Исто така, овие видови на тури често вклучуваат едукативен аспект, бидејќи придружувањето обезбедува локални, историски и културни знаење, знаење и им нуди на туристите драгоцено искуство и значење за посетените места“, објаснуваат од СТЕП.
Целта на СТЕП е промовирање на енергичен туристички сектор кој ефикасно се прилагодува на потребите на домашните и меѓународните пазари и придонесува за забрзување на растот и стимулирање на отворањето нови работни места во прекуграничната туристичка зона помеѓу Македонија и Албанија. Проектот е финансиран од ЕУ, преку програмата ИПА2.
Проект-партнери се Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Центарот за регионален развој „Полог“ и Советот на Округот Елбасан.