fbpx

Стејт Департмент: Во Северна Македонија проблеми со корупцијата, лоши услови во затворите и закани кон новинари

-

Најновиот извештај на Стејт Департментот на САД за состојбата со човековите права во Северна Македонија, посочува на проблеми во аспектот на корупцијата и борбата против неа, но и во делот на родово и семејно насилство, лошите и нечовечки услови во затворите, како и заканите за насилство и насилство врз новинари.

Во делот за почитување на граѓанските права и слободи, во кој се третираат и новинарите и медиумите, се посочува дека иако Уставот гарантира слобода на изразување, спроведувањето на законите и судските постапки за трети страни што преземале чекори на насилство кон новинарите и нивно заплашување, било бавно и неефикасно.

Се нагласува дека до 20 септември 2021 година, Основно јавно обвинителство – Скопје разгледало 17 кривични пријави за закани и физичко или онлајн насилство против новинари, а само за три била донесена одлука за понатамошна обвинителна постапка, додека три други биле препратени на Министерството за внатрешни работи (МВР) со квалификација „прекршоци“.

Дополнително, се нагласува дека до 20 септември 2021 година, Основно јавно обвинителство – Скопје разгледало осум кривични пријави за ширење расизам или ксенофобни материјали преку компјутерски систем, а обвинителите отфрлиле три и наредиле истрага за останатите пет.

Во образложението за слободата на изразување на претставниците на печатот и другите медиуми, вклучувајќи ги и онлајн-медиумите, се вели дека иако известувањето останува поделено по политички табори, се зголемува бројот на независни медиуми што изразуваат множество мислења, без претерано ограничување.

Се наведува дека пари од државниот буџет се дадени на медиуми за да се намали ударот од ковид-19, но и дека државата субвенционирала политички реклами во комерцијални медиуми за кампањата за претседателските избори.

Се нагласува и дека во декември 2020, Владата на отворен повик доделила 30 милиони денари (околу 570.000 САД долари) на 11 печатени медиуми за да се покријат трошоци, а Антикорупциска комисија ја предупредила Владата да воведе попрецизни услови за субвенционирање за да се избегне „ненаменско трошење на доделените пари“.

Во однос на физичкото насилство, закани и малтретирање новинари, се споменува дека на 27 август Здружението на новинарите на Македонија регистрирало два случаи на напади на новинари. Едниот врз камерман на МИА којшто присуствувал на протестот против судската пресуда за случајот „Монструм“, а другиот за лицето идентификувано како Арбен Есати, кое во март упатило закани за убиство и силување против локални новинари од Тетово. Есати, според наводите, е син на пензиониран анестезиолот од Тетово што понудил помош на претседателот на Србија за борбата против ковид-19. По пријавата на ЗНМ, полицијата покренала кривично обвиниение за лицето и случајот стои во Јавното обвинителство. ЗНМ примило уште 20 дополнителни пријави од новинари за навреди, несоодветно однесување на локалните и централните власти или политичките партии, како и институционална транспарентност.

Се наведува дека до 25 август, Основен кривичен суд Скопје известил за три тековни постапки за новинари. Во текот на 2021 година, скопскиот Апелациски суд поддржал две пресуди на скопскиот Кривичен суд во кој осудува двајца обвинети за затворски казни од една година и два месеца, а друг обвинет за три години затвор за учество во насилна толпа што нападнала и сериозно повредила, меѓу другите, и телевизиски камерман во текот на протести.

Во поглед на интернет слободите или онлајн цензура, се вели дека нема уверливи обвинувања дека владата следела приватни онлајн комуникации без соодветна законска основа.

Во однос на корупцијата и нетранспарентноста на властите, се наведува оти има законски основи за кривичен прогон на корупција кај властите и дека властите генерално го спроведуваат законот, но и дека има дојави за функционери вклучени во корупција. Во извештајот на Стејт Департментот се посочува дека граѓанските организации посочиле на доминантната улога на владата во економијата како создавање услов за корупција. Се нагласува дека владата е најголемиот работодавач и дека во јавниот сектор на крајот на 2020 година имало 131.183 вработени лица. Се наведува дека на 27 април 2021 година Владата го сменила директорот на Државниот пазарен иснпекторат Стојко Пауновски, за одбивање според владината одлука да вработи 25 јавни службеници во инспекторатот, како дел од 1.349 лица плаќани од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците што биле предвидени со план за распоредување донесен од Владата.

Наведувајќи ја националната Стратегија за борба против корупцијата и конфликтот на интерес, која е усвоена на 18 април 2021, заедно со Акциски план за спроведување, се нагласува дека на 15 јули преседателката на Државната комисија за борба против корупцијата и конфликтите на интерес, Билјана Ивановска, рекла дека и покрај растечката перцепција за корупција во судството, само 20 отсто од пријавите поднесени до комисијата биле за правосудството.

Во однос на родовата еднаквост, се наведува дека во јануари 2021, парламентот усвоил Закон за спречување и заштита од насилство против жените и домашно насилство, насочен кон спречување на родово базирано насилство и домашно насилство, како и дека од јануари до јуни 2021 година, Министерството за труд и социјални работи регистрирало 789 жртви на домашно насилство, од кои 530 биле жени.

Во поглед на сексуално малтретирање на работното место, се наведува дека тоа останува проблем и дека жртвите генерално не ги изнесуваат случаите поради страв од јавна осуда и можен отказ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Распишан конкурс за наградата „23 Октомври“

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, распиша конкурс за доделување на државната наградата за 2024 година. „Со државната награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа...