Бирото за конзуларни работи при Стејт департментот на САД соопшти дека американски пасош може да добијат само лицата кои ги подмириле сите неплатени обврски за алиментација. Доколку, пак, должат повеќе од 2.500 американски долари, според федералните прописи не може да биде издаден американски пасош, а постоечкиот валиден пасош може да им биде одземен.
Оттаму појаснуваат дека лицата чиј пасош бил поништен поради неплатена алиментација треба да ја контактираат сојузната држава каде го имаат долгот и да ја подмират обврската. Известувањата за поништување на пасошите ги испраќа Стејт департментот директно до сопственикот на пасошот, по електронска пошта или на адресата наведена во последната апликација за пасош.
По исплатата на долгот, лицата повторно ќе можат да аплицираат за нов американски пасош. Сепак, од Бирото нагласуваат дека поништениот пасош не може повторно да се користи за патување, дури и ако обврските во меѓувреме се подмирени.
Стејт департментот предупредува дека лицата кои планираат патување треба да имаат предвид дека процесот за отстранување од евиденцијата на државните органи и Министерството за здравство и социјални услуги (HHS) може да трае најмалку 2 до 3 недели, а дотогаш не може да се издаде нов пасош.
За лицата кои се наоѓаат во странство и чиј пасош е поништен поради долг за алиментација, предвиден е само пасош со ограничена важност, наменет исклучиво за директно враќање во САД, сè додека HHS не потврди дека долгот е исплатен. Во меѓувреме, тие треба да ја контактираат сојузната држава каде што го имаат долгот, како и најблиската американска амбасада или конзулат.
Од Стејт департментот наведуваат дека за сите прашања поврзани со исплатата на алиментацијата, граѓаните треба да се обратат до канцеларијата на Министерството за здравство и социјални услуги (HHS) во сојузната држава каде што го имаат долгот. Оттаму појаснуваат дека Стејт департментот не учествува во процесот на внесување или бришење лица од евиденцијата, туку се потпира на информациите што ги доставува HHS.
