Поединечните решенија на некои земји како Унгарија, не го решаваат проблемот со мигрантите, туку само го продлабочуваат, порача министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, откако вчера владата на Унгарија објави дека наредила пробно да се пушти во употреба новата „умна“ ограда на границата со Србија, која има струја под напон од 900 волти, за која тврди дека не може да повреди човек.
– Не постојат жици што ќе ги сопрат луѓето, тие наоѓаат начин да поминат. Тоа не е решение, туку создава проблем на цела Европа. Не постои решение само за една земја, туку треба да се најде решение што сите ќе го примениме – рече Стефановиќ гостувајќи на телевизијата „Пинк“.
Тој нагласи дека во Србија во моментот има помалку од 6.000 мигранти и дека српските прифатни центри се доволни за таа бројка луѓе.