Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

Синоќа од 22 часот стартуваше полицискиот час, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски направи увид на неколку полициски пунктови.

„Полициските службеници од сите организациони единици на Министерството за внатрешни работи се на првата линија во битката за заштитата на здравјето и животот на сите наши граѓани. Согласно мерките донесени од Владата подготвено, плански и темелно постапуваме со една цел, да ги заштитиме нашите сограѓани,“ рече Спасовски.

Тој додаде дека преземени се сите потребни активности контролата на ограничувањето на движењето да се спроведе согласно одлуката на Владата и апелираше до граѓаните да ја почитуваат забраната за движење.

„Ова е неопходен чекор препорачан од здравствените фактори, а во интерес на поединечното и јавно здравје, и повеќе од сигурен сум дека сите заедно ќе успееме да ги пребродиме и овие околности што ни ги наметнува пандемијата со ковид-19. Апелирам до граѓаните на одговорност, апелирам да останат дома, да не се излегува без нужна потреба од домовите. Само така ќе застанеме на патот на ширењето на вирусот,“ рече Спасовски.

Доколку не го почитуваат полицискиот час, граѓаните ќе бидат обвинети за кривично дело по член 206 од Кривичниот законик – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

„За ставот 1 од член 206, за кој е пропишана одговорност на физичко лице, предвидена е парична казна или затвор до една година, а во ставот 2, ако делото го стори правно лице, пропишана е парична казна до 30 милиони денари (околу 490.000 евра)“, информираше Јавно обвинителство.