Според податоците на Државниот завод за статистика, во последниот квартал од 2020 година, активното население во државата изнесува 941.524 лица, од кои вработени се 789.552, а 151.972 лица се невработени.

„Стапката на активност во овој период е 55,9, стапката на вработеност 46,8, додека стапката на невработеност изнесува 16,1,“ се вели во соопштението.

Во четвртиот квартал од 2020 година, статистичарите регистрирале мало намалување на стапката на невработеност во земјава. Па така, во последниот квартал од 2019 година стапката на невработеност изнесувала 16,6 отсто, односно за период од една година невработеноста во земјава била намалена за 0,5 отсто.

Инаку, статистичките податоци покажуваат дека во последниот квартал од 2020 година се зголемила невработеноста токму кај категоријата „млади“, која и во минатото имаше најголем број на лица без работа. Стапката на невработеност на лицата од 15 до 24 години во периодот октомври-декември 2020 година се зголемила на 39,2 отсто, споредено со 35,1 отсто што биле забележани во истиот квартал од 2019 година.