Во Северна Македонија, Албанија и Косово денеска стапија на сила трите договори потпишани на 3 ноември лани во рамките на Берлинскиот процес, со кој на граѓаните им се овозможува слободно движење со лични карти во Западен Балкан, мобилност на студентите, професорите и академските работници, како и кратење на процедурите за признавање на стручните квалификации на докторите на медицина, забарите и архитектите.
Станува збор за потпишаните Договорот за слободно движење во Западен Балкан со лични карти, Договорот за признавање на високо образовните квалификации и Договорот за признавање на стручните квалификации на доктори, стоматолози и архитекти.
„Многу бргу се очекува влегување на сила на договорите и во останатите три држави потписнични, согласно завршените правни процедури кај нив – Република Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина“, информираат од македонското Министерство за надворешни работи.
Во делот на признавањето на стручните квалификации, со договорот се предвидува процедурите за признавање да се скратат од неколку месеци на две недели и да се спроведат без трошоци, така што докторите на медицина, забарите и архитектите од земјите во Западен Балкан ќе можат своите услуги да ги нудат слободно низ регионот.
„Секој од овие договори дава специфична можност да им помогне на нашите граѓани да го искористат својот потенцијал, да ги прошират своите искуства и да придонесат за доброто на нашиот регион. Договорите претставуваат значаен чекор напред во нашите напори да им овозможиме на граѓаните слобода на движење и интеграција, како услов за воспоставување на заеднички регионален пазар, што ќе претставува најбезбеден и најбрз пат кон исполнување на нашата заедничка цел – членство во Европската унија“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија е избран како депозитар на овие важни договори.