Имплементација на прописите за енергетска ефикасност на ЕУ, поголем обем на работа за енергетските контролори и отежнат начин за исклучување на граѓаните од системите за централно греење се главните предности што ги носи новиот Закон за енергетска ефикасност, којшто денес стапи на сила. Пратениците од Собранието го изгласаа овој закон како една од последните точки пред распуштањето на законодавниот дом, со што овозможија во претстојниот период да се работи на уредување на подзаконските акти и на подготовка на идниот Закон за основање на национален Фонд за енергетска ефикасност.

„Енергетските контролори и друштвата лиценцирани за вршење на енергетски контроли конечно ќе можат да отпочнат со работа и со тоа активно да учествуваат во подобрувањето на енергетската ефикасност во нашата земја“, посочуваат од Министерството за економија.

Јавниот сектор во наредниот период ќе треба да ја презеде водечката улога во поглед на подобрувањето на енергетската ефикасност во земјава, давајќи им пример на граѓаните за тоа какви мерки треба да се преземат и кај нивните објекти. Обемниот проект за промена на прозорци, врати и за изведба на енергетско ефикасни фасади на јавните објекти се очекува да започне со кредитот земен од Светска банка во износ од 25 милиони евра.

Од Министерството за економија веќе информираа дека средувањето на подзаконските акти за енергетска ефикасност ќе претставува следниот чекор што е предвидено да се преземе по донесувањето на законот. Правилникот за енергетски контроли кај зградите и големите трговци и Правилникот за енергетски карактеристики на згради треба да се донесат во рок од шест месеци по денешното влегување во сила на законот.

Во делот на формирањето на национален Фонд за енергетска ефикасност, законот го предвидува неговото основање, но деталните услови и начинот на работење на Фондот ќе се уредат со посебен закон.

„Средствата од Фондот ќе се користат за финансирање на проекти и мерки за енергетска ефикасност, следејќи ги примерите од други држави од Европската Унија, каде Фондовите за енергетска ефикасност постојат подолго време и успешно го помагаат развојот на енергетските услуги“, се вели во соопштението на Министерството за економија.

Конечно, со новиот Закон за енергетска ефикасност се отежнува досегашната опција на граѓаните за исклучување од системите за централно греење. Имено, секој граѓанин што ќе сака да се исклучи од парно, најпрво ќе треба да докаже со извештај од извршена енергетска контрола од овластен контролор дека системот на кој ќе се приклучи на греење има подобри енергетски перформанси и е еколошки поприфатлив.