Метју Палмер на Преспа Форум Дијалог | Фото: pfd.mk

И покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на силните европски партнери, разочарани сме што не беше решено прашањето за отворање на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и за Албанија. Ова го изјави денеска во Охрид, заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања, Метју Палмер, на панелот „На патот до подобро поврзан и интегриран регион – Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?“, во рамки на првата Меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог.

Тој нагласи дека ова влијае и на вложувањата на САД и на ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот. Во врска со Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, Палмер посочи дека се тоа примери за поголем регионален ангажман на С. Македонија во корист на нејзините граѓани.

„Владата на Северна Македонија е фокусирана на политичките и на економските реформи и на привлекување квалитетни инвестиции. Владата го искористи своето силно партнерство со Грција за да обезбеди енергетска безбедност и сега сме на прагот да направиме многу повеќе“, рече Палмер.

Во врска со улогата на САД во регионот, тој истакна дека САД е, и ќе останат фокусирани на регион што е стабилен, проспетитетен и интегриран во евроатлантската рамка.

„Ова не е само визијата на САД за Западен Балкан, и речиси не се разликува со она што го сакаат и европските сојузници и партнери. Сепак, уште поважно е што ова е исто така визија што е силно изразена и од земјите на Западен Балкан. Тоа треба да послужи како водич во напорите за приближување на Западен Балкан кон ЕУ“, изјави  Палмер.

Осврнувајќи се на економските реформи, тој посочи дека регионот мора да го реформира енергетскиот сектор, што ќе донесе, не само економски придобивки, туку ќе ја зајакне и регионалната економска безбедност.

„Покрај економијата, граѓаните од регионот се најмногу загрижени за корупцијата. Кога политичките лидери крадат од граѓаните и го нарушуваат владеењето на правото и независното судство, економскиот раст се забавува, нееднаквоста се шири, како и правичниот пристап до услугите. Според тоа, реформите мора да бидат во насока на зајакнување на демократските институции“, посочи Палмер.

Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна”, се одржува денеска и утре во Охрид и во Отешево. Учествуваат околу 300 учесници, домашни и претставници на Европа и на САД, меѓу кои има премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници и претставници на граѓанскиот сектор.