fbpx

ССНМ ја поздравува одлуката на Владата за помош на вработените во медиумите, АПЕММ незадоволни

-

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја поздрави одлуката на Владата да го прифати барањето за субвенционирање на придонесите за социјално и пензиско осигурување за вработените во медиумите.

„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека ова е важен чекор кон подобрување на работничките права на новинарите и медиумските работници и дека заедничката солидарност и самоорганизираност покажува дека можеме да се избориме за поголемо унапредување на стандардот и нашите работнички права. Овој пример покажува дека заштитата на правата на вработените е во полза на медиумите и, следствено, на нивните сопственици и затоа за нас останува нејасна праксата на обесхрабрување на вработените синдикално да се организираат од страна на некои сопственици на медиуми,“ се вели во соопштението.

Од ССНМ појаснуваат дека идејата за оваа помош произлегла од податоците дека сите други економски мерки што се однесувале на медиумите не успеале докрај да ја постигнат целта, бидејќи платите на вработените во многу медиуми биле намалени, а во одредени биле забележани и отпуштања.

„ССНМ своето барање до Владата за оваа мерка го темелеше на три принципи – начелото дека само социјално и економски обезбедени медиумски работници може професионално да ја вршат својата задача – навремено, точно и објективно да ја информираат јавноста, како и фактот дека целта на секоја економска помош треба да бидат самите вработени, односно подобрување на нивната социјално-економска положба. Третиот принцип се однесува на фактот дека новинарите и медиумските работници од почетокот на кризата се на фронтот во борбата против вирусот,“ наведува ССНМ.

Според уредбата усвоена на владината седница одржана на 10 јуни, вработените во медиумите ќе бидат ослободени од целосно плаќање на придонесите за јуни, јули и август.

Оваа мерка важи за медиумите и медиумските куќи, телевизиите, радиодифузерите, печатените медиуми, како и електронските интернет портали кои меѓудругите ќе исполнат неколку основни услови: медиумите кои ги намалиле платите на вработените во кризата да ги вратат на ниво пред почетокот на вонредната состојба; да немаат отпуштено ниту еден вработен поради кризата; да имаат најмалку тројца вработени на неопределено време и да не отпуштаат за време на користење на помошта.

Од ССНМ апелираат до новинарите и медиумските работници да пријават какво било прекршување на оваа уредба и на сите други работнички права кои произлегуваат од Законот за работни односи.

Од друга страна, Асоцијацијата на приватни електронски медиуми АПЕММ, не е задоволна од одлуката на Владата за помош на медиумите. Од таму бараат промена на одлуката, поради искажан дискриминаторски и нееднаков пристап кон трговските радиодифузни друштва и останатите медиуми.

„Додека телевизиите добиваат ослободување за плаќање на надоместок од 78.000 евра, радијата се ослободени од надоместок во износ од 5.343 евра, што е повеќе од 11 пати помал износ,“ велат од АПЕММ.

Тие објаснуваат дека реалниот трошок по калкулации доставен до Владата за радио изнесува на годишно ниво 66.500 евра.

„Националните ТВ ќе добијат 15 пати повеќе средства од национално радио, за ист основ. Регионално радио Скопје, има годишен трошок за дистрибуција на сигнал од 7.091 евра. Регионална ТВ во Скопје ќе добие 12.000 евра за трошоците кон операторот А1, додека регионално радио Скопје ќе добие 1.241 евра, што е 10 пати повеќе во корист на ТВ. Одобрените пари од Владата за фреквенција за радио претставуваат само 10 проценти од реалниот трошок на радијата за дистрибуција. Во исто време ја известуваме јавноста дека трошоците за дистрибуција на сигнал на радио во вкупниот годишен буџет, изнесуваат 20 проценти, а додека за националните ТВ изнесува само 2 проценти годишно,“ се додава во реакцијата.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...