fbpx

ССНМ и ЗНМ со реакција за постапувањето на истражните органи во случаи со новинари

-

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираат на постапувањето на Основното јавно обвинителство (ОЈО) и Министерството за внатрешни работи (МВР), овојпат поврзано со уредничката во Телма телевизија, Весна Јовановска-Дојчиновска.

Реакцијата се однесува на случај во кој обвинител при скопското обвинителство отворил предмет по пријава за говор на омраза на граѓанин кон друг граѓанин и со цел да ја истражи и поткрепи пријавата со докази издал наредба МВР да ги обезбеди емитуваните аудио и видео материјали од телевизија Телма, но и наредба за информативен разговор со уредничката Весна Јовановска-Дојчиновска. Полицијата неколку пати ја побарала уредничката на домашната адреса, но без да соопшти детали за што точно треба да се јави во полициска станица.

ССНМ и ЗНМ ја оценуваат за проблематична постапката преку која МВР и ОЈО инволвираат новинари кога постапуваат во случаите, без истите да ги информираат зошто се повикуваат на службени разговори.

„Потенцираме дека сите меѓународни регулативи, стандарди и препораки укажуваат на тоа дека кога органите на прогонот веќе постапуваат во случај кој вклучува новинар, тоа треба да го направат на начин што преземените овластувања не смеат да имаат ефект на заплашување, заканување или ограничување на слободата на новинарите и медиумите. Дополнително, МВР и ОЈО најмалку што можат да сторат е да стапат во контакт и да ги разјаснат околностите на транспарентен начин, во спротивно ова може сериозно да влијае врз условите во кои новинарите си ја вршат својата работа“, стои во заедничкото соопштение на ССНМ и ЗНМ.

Од таму велат дека ова е уште еден аргумент зошто е потребно посебно одделение во рамки на ОЈО кое ќе третира предмети и случаи во кои се инволвираат новинари и медиумски работници. ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека потребата од континуирана едукација и усовршување на знаењето на обвинителите во заштита на новинарите е обврска на државата како членка на Советот на Европа.

„Укажуваме дека и кој било граѓанин доколку е незадоволен од начинот на известување во медиумите на располагање ги има саморегулативните механизми. Секоја друга форма и законска можност применета од правосудните органи може да води кон цензура и самоцензура, но и одредена форма на заплашување и предизвикување страв, со што се става црна дамка на демократското владеење“, стои во реакцијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...