Нови повици за бојкот на маркетите се споделуваат деновиве на социјалните мрежи, откако минатата недела за прв пат се случи бојкот поради високите цени. Граѓаните се повикуваат да се воздржат од пазарење, а акцијата е наречена „Црн петок“ за маркетите. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), како и Организацијата на потрошувачи (ОПМ), иако не се организатори на бојкотот, ги поддржуваат граѓаните со цел да се даде сигнал до трговците дека населението има моќ и може да придонесе да се намали прометот.
Иван Пешевски, потпретседател на Советот на ССМ за приватен сектор, вели дека единствено Владата може да влијае трговците и сопствениците на маркети да ги намалат цените и да се реши проблемот на долг рок.
„Владата е работодавач на 138.000 вработени во јавниот сектор. Таа мора да знае да направи ред, не може да се граѓаните виновни за ваквата ситуација во никој случај. Утре може лебот да чини 300 денари, а ние ќе сме должни да го купиме бидејќи тој е основен прехранбен продукт. Ставот на ССМ отсекогаш бил да дава поддршка на граѓаните и сите оние кои ги засега социоекономската положба. Не треба да има бојкот само во петок во маркети, туку бојкот треба да има секој ден, оти примањата на луѓето не им стасуваат. Животот е прескап и платите не се доволни за живот. Многу граѓани и без да ги повикуваме не пазарат оти немаат пари да влезат во маркет“, вели Пешевски.
Тој за Мета.мк вели дека ССМ ги охрабрува граѓаните да не купуваат.
„Сите големи ланци маркети ги изигруваат законите. Маржите се поголеми од законски предвидените. Тоа не смее да биде така“, додаде Пешевски.
Според последните податоци, вредноста на синдикалната минимална кошница за месец јануари 2025 година, изнесува 63,252 денари, а истата во декември изнесувала 62.861 денар, односно, има зголемување од 391 денар за само еден месец. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, за месец јануари, кошничката изнесува 78.627 денари.
Кај храната и пијалоци во синдикалната минимална кошница за јануари изнесува 23.198 денари, а во јануари 2024 година, изнесувала 21.007 денари.
Најавениот бојкот го поддржува и Организацијата на потрошувачи. Татјана Тасевска, правен советник во ОПМ, вели дека иако оваа организација не е организатор на бојкотот, ја поддржуа секоја граѓанска иницијатива.
„И минатиот и овој петок го поддржуваме бојкотот, оти така даваме сигнал дека потрошувачите имаат моќ, дека се сила и можат да придонесат да се намали прометот и дека е време трговците и сопствениците на маркети да ги разгледаат цените на производите, да ги намалат и да стават реални цени со реални маржи, за да може населението да си дозволи да живее. Мислам дека бојкотот изминатиот петок имаше ефект, даде сигнал, па голем дел од маркетите направија пошироки акции, ги намалија цените, а некои најавија замрзнување. Сепак, ова се само краткорочни ефекти, крајниот збор треба да го даде Владата“, вели Тасевска.
Таа додава дека Владата, заедно со синдикатите и бизнис секторот треба да успее да најде подолгорочни мерки, со кои ова зголемување на цените ќе запре.
Минатата недела, во Хрватска граѓаните бојкотираа продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените. Иницијативата потекна од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, а ја поддржаа здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и министерот за економија. Во Хрватска инфлацијата продолжува да расте, а државата е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација. Ваков бојкот имаше и во Црна Гора.
Во петокот, на 31 јануари граѓаните ги бојкотираа маркетите. Полни рафтови со продукти, но без купувачи, или пак, со многу мал број купувачи. Ваква беше сликата во неколку маркети на денот на бојкотот на населението насочен кон ланците маркети, поради високите цени на производите и неможноста да ги издржат поскапувањата. Граѓаните се одзваа на повикот за бојкот, со што им порачаа на сопствениците на маркети дека цените се превисоки за нивниот стандард.