Фото: Арбнора Мехмети

Туризмот и угостителството кои имаат значителен придонес во домашната економија се најпогоден сектор во актуелната ковид криза, каде загубите кај голем број правни субјекти беа и се уште се 100 процентни, соопштија од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ). 

„Овој сектор влезе во период на рестрикции и мало подобрување на состојбите имаше во летниот период кога некои субјекти ја намалија загубата, но на годишно ниво, не се постигна остварување на профит, ниту покривање на трошоците“, изјави Владимир Граматиков, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, кој 10 години ги застапува интересите на повеќе од 1.500 претпријатија од овој сектор. 

Од ССКМ посочуваат дека Владата донесе четири пакети економски мерки насочени кон целата економија, но и таргетирани кон туристичко-угостителскиот сектор и потсетуваат дека, реалниот приказ во овој сектор е следниот: голем дел од угостителите немаат никаква активност 10 месеци, или од март 2020.

Секој ресторан има просечни месечни режиски трошоци од околу 5.000 евра, плус трошоците за плати на вработените. Од државата се доби еднократна помош од 10.000 евра, што е еднакво на трошоците за два месеца, како и финансиска поддршка од 14.500 денари за шест месеци.

На туристичките агенции просечно месечните потреби изнесуваат 1.500 евра за режиски трошоци, и плус трошоците за плати на вработените, а тие добија финансиска помош во висина од 3.000 до 5.000 евра, еднократно, и финансиска поддршка од 14.500 денари за шест месеци.

„Туристичките водичи, кои останаа без плата 9 месеци, добија помош на крајот на годината, која на просечно месечно ниво за 10 месеци од кризата, изнесува околу 6.000 денари месечно. Рент-а-кар компаниите, покрај намалената работа од над 60 отсто, се соочуваат со огромна загуба на капиталот во однос на губење на вредност на возилата, а од економските мерки имаа можност да аплицираат за финансиска поддршка од 14.500 денари за период од 6 месеци. Затоа се бара, помошта од државата во 2021 да биде посилна и таргетирана кон поддршка на туризмот и угостителството и таа да трае во континуитет“, соопштија од ССКМ.