Фото: Љупчо Џамбазовски на Unsplash

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) во соработка со Министерството за економија, со цел да се гарантираат безбедни услови за престој и за користење на услуги во угостителските објекти, хотелите, мотелите, автокамповите, издава меѓународно признат сертификат за безбедност „Safety Travel Stamp“ односно „Знак за безбеден туризам“. Како што соопштија од ССКМ, со овој сертификат се потврдува дека објектите во целост ги спроведуваат, почитуваат и практикуваат домашните и светските препораки за превенција и заштита од ковид-19, што создава сигурност кај домашните и кај странски гости.

„Во време на пандемија, туризмот и угостителството се едни од најпогодените индустрии, посебно кога станува збор за меѓународните патување. Многу е важно да се убедат туристите дека земјава е безбедна туристичка дестинација. Знак за безбеден туризам е токму она што ќе ни помогне да ја пренесеме пораката дека сме безбедна дестинација и ќе ја вратиме државата на туристичката мапа на Европа“, изјави Владимир Граматиков, претседател на Туристичко-угостителска комора при ССКМ, потенцирајќи дека сега е потребна брза имплементација на овој сертификат и негова промоција во земјава и во странство.

Тој истакна дека со промоцијата на овој сертификат треба да се почне веднаш и неа да ја спроведат приватниот сектор како и државните институции, преку информирање на своите партнери во земјава и во странство.

Овластувањето за „Знак за безбеден туризам“ и протоколите за безбедно патување ги издава Светскиот совет за туризам и патување (WTTC), а во нашата земја се имплементира со поддршка на Министерството за економија и Швајцарската амбасада. WTTC создаде печат за оние кои ги аплицирале и се придржуваат до здравствените стандарди и овозможуваат безбеден престој на туристите.

Главната придобивка од „Safety Travel Stamp” е поттикнување на домашниот туризам и зголемување на довербата на земјава кај странските туристи, како и полесно препознавање на компаниите и дестинациите кои работат според глобалните, стандардизирани протоколи за заштита од ковид-19.

Аплицирањето за добивање на сертификат се врши преку интернет платформа, каде заинтересираниот правен субјект поднесува барање.