Фото: ССКМ

Десет претпријатија го добија престижното признание за македонски квалитет, што традиционално, секоја година го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија, ССКМ. Под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, во претседателската резиденција „Вила Водно“ денеска се доделија признанијата на претпријатијата кои придонесуваат за развојот на македонската економија и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата и надвор.

Пендаровски и претседателката на ССКМ, Данела Арсовска, им ги доделија признанијата за 2020 година на: „Еви Интернационал Терма лифт“, „Ваурон“, „Ми-комерц“, „Процес Ин“, „Раденковиќ консалтинг“, „Зафир Комерц“, „Девомак“, Меѓународен славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ и Горјан Јовановски автор на апликација „Мој воздух“.

„Се радувам што и оваа година избраните компании, кои се од различни области, се стремат кон општествена одговорност, технолошко унапредување и воведување на иновации во својата област, а при тоа не забораваат да ја чуваат и промовираат македонската традиција“, истакна претседателот Пендаровски.

Арсовска посочи дека е потребно континуирано да се поддржуваат сите кои се борат за подобра економска иднина и допринесуваат и во време на криза како оваа предизвикана од пандемијата. Претседателот Пендаровски порача дека оваа година признанието за македонски квалитет има посебна тежина поради напорите на компаниите за зачувување на вработените и задржување на квалитетот на производите и услугите.