Српскиот претседател Вучиќ вели дека не ги разбира антиваксерите

Српскиот претседател Александар Вучиќ (десно) на средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц. Фото: Фото: Председништво Србије/Димитрије Голл , 4 септември 2021

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, во интервју за австрискиот весник „Клајне Цајтунг“ зборувајќи за причините поради која во земјата доаѓа до успорување на процесот на вакцинација, вели дека не разбира зошто е толку голем отпорот кон вакцинирањето, не само во Србија, туку и на светски план, и вели дека станува збор за „неразумни ставови“, пренесува српската новинска агенција Танјуг.

Вучиќ смета дека голема улога во ширење на антиваксерството имаат социјалните мрежи и дека генерално негативните пораки очигледно подобро доаѓаат до луѓето отколку позитивните.

„Зошто е така – не разбирам. Но теориите за заговори и негативните пораки очигледно подобро допираат отколку позитивните. Во тоа улога играат и социјалните мрежи, како и фактот дека луѓето своите слободи ги гледаат и во неразумните ставови“, вели Вучиќ.

Тој инаку најави и дека во следните денови ќе се положи камен-темелник за потполно нова фабрика за кинеска вакцина против ковид, како и дека првата компонента (вакцина) на руската „Спутник В“ веќе се произведува во Србија, а се работи на тоа во земјата да се произведува и втората компонентна (ревакцината). Имено, двете дози на „Спутник В“ за разлика од другите вакцини, се разликуваат по составот една од друга.