Српскиот патријарх Иринеј почина од ковид-19

По повеќе од две седмици боледување од ковид-19, утрово во 7.07 часот во воената ковид болница „Карабурма“ во Белград, починал српскиот патријарх Иринеј, соопшти претпладнево Српската Православна Црква – Пеќка Патријаршија (СПЦ).
Засега нема детали за погребот.

Од упокоениот српски патријарх прв се прости претседателот на Србија, Александар Вучиќ, уште пред да биде објавено официјалното соопштение на веб-сајтот на СПЦ. „Ми беше чест што Ве познавав. Таквите како Вас никогаш не заминуваат“, напиша Вучиќ на неговиот Инстаграм-профил.

Како што јавуваат српските медиуми, поглаварот на српската црква се лекувал во болницата „Карабурма“ од 4 ноември, откако му е дијагностицирано присуство на корона вирус, иако немал симптоми, но бил хоспитализиран за да му се следи состојбата, со оглед дека беше на 90-годишна возраст. Во неделата состојбата му се влошила, поради хронична срцева слабост, а до ново влошување на состојбата дошло ноќта меѓу средата и четвртокот, при што вчера попладнето бил ставен на респиратор.

Иринеј, роден во 1930 година, беше десет години на тронот на СПЦ, наследувајќи го патријархот Павле.

Патријархот Иринеј е вториот српски црковен великодостојник што за неполн месец почина од последиците на болеста ковид-19. На 30 октомври, по повеќе од 20 дена откако заболел од ковид-19, иако ја преброди болеста, почина Митрополитот црногорско-приморски Амфилохије. Смртта беше припишана на оштетувањето на белите дробови, како што рекоа од Клиничко-болничкиот центар на Црна Гора. Иринеј присуствуваше на масовниот погреб на Амфилохије во Подгорица.