Златибор Лончар, Фото: Скриншот од прилог на Радио-телевизија Војводина

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите istinomer.rs укажува на прогнозата на министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, кој на 8 јуни годинава предвиде дека на 9 или 10 јули може да се очекува појавата на последниот случај на заразен со корона вирусот.

Имено, на 8 јуни одговорајќи на прашање дали порастот на бројката на новозаразени во тој период ќе влијае на претходните пресметки на епидемиолозите од Медицинскиот факултет дека последниот случај со корона вирус може да се очекува меѓу 20 и 25 јуни, српскиот министер за здравство рекол дека се појавиле спорадични „џебови“ на епидемијата и дека е реално да се очекува тоа да се случи на 9 или на 10 јули.

„Тоа е проценка на Медицинскиот факултет, Катедра за епидемиологија, имавме таканаречени „џебови“ и мислам дека сега е реално, кога имате такви ситуации што искрснуваат, 9 или 10 јули да е некаков период кога би требало да дојдеме на нула. Но, повторувам тоа зависи само од нас. Тоа е пресметка на основа на ова како се однесуваме и какви ни се резултатите, а тие зависат од тоа што ќе го правиме во меѓувреме. Ако се придржуваме, тогаш ќе ги имаме 9 или 10 јули, а ако не се придржуваме, тогаш тоа ќе се пролонгира“, рекол Златибор Лончар.

Набргу по парламентарни избори одржани на 21 јуни, во Србија, а посебно во Нови Пазар, Белград, Сјеница, Тутин, доаѓа до драматичен скок на бројката на на заболени, пишува istinomer.rs.

Сервисот за проверка на фактите и борба против дезинформациите потоа потсетува и што рекол Лончар на 10 јули.

„Луѓе, немојте да слушате секакви теории, ова ќе заврши за пет дена, ова ќе заврши за 15 дена, ова ќе се врати, ова нема да се врати. Ние мора да се сконцентрираме на денешниот ден, на денеска, на вечерва, на утре, и тоа е единствениот начин да победиме“, порачал српскиот министер за здравје на прес-конференција на 10 јули.

Поради тоа изјавите на министерот Лончарм истиномер.рс ги означува како недоследни.