Српскиот јавен медијски сервис Радио-телевизија Србије (РТС) објавувајќи прилог во вчерашните вести повторно употреби придавки од категоријата „северномакедонско“ и сопствена именка „Северномакедонци“, што е манипулација со публиката, бидејќи таква националност не постои.

Станува збор за вест од областа на спортот со наслов „Бугари нуде Северномакедонцима заједничку кошаркашку лигу!“ (Бугарите им нудат на Северномакедонците заедничка кошаркарска лига!), во која и покрај укажувањето од страна на македонското Министерство за надворешни работи, повторно се измислува националност „Северномакедонци“. А, вест за ова укажување објавила и самата РТС.

Манипулацијата не се среќава само во насловот, туку и на почетокот на текстот, каде се спомнуваат „северномакедонски медиуми“ и „северномакедонска кошарка“.

Ваквата појава на погрешна употреба на именки и придавки во овој поглед не само што се среќава во изобилство на веб-сајтот на РТС, туку и се чини дека е направена некаква автоматска замена на „македонски“ со „северномакедонски“, па и во вести многу постари од стапувањето на сила на Преспанскиот договор, на 12 февруари 2019, со кој името на Македонија се смени во Северна Македонија, читаме „северномакедонски“ (страница 8 во резултатите).

Според насоките на македонското МНР за медиумите со Преспанскиот договор официјалното име на земјата е Република Северна Македонија (кратко име: Северна Македонија“. Националноста (државјанството) е „Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“. Значи, зборот „Северномакедонци“ во насловот на текстот е апсурден, оти не означува ништо.

Кога станува збор за државата и нејзините официјални органи, но и други категории, пак, придавните форми може да бидат „македонски/о/а”. МНР наведува неколку примери: „македонска економија, здравствен сектор на Република Северна Македонија, македонска уметност, македонска музика, македонско земјоделство, македонска архитектура, прехранбена индустрија на Северна Македонија итн.“, од што произлегува дека употребата од страна на РТС на термините „северномакедонски медиуми“, „северномакедонска кошарка“, или „северномакедонската полиција“ се неправилни и неточни.

МНР тука недвосмислено и изрично вели дека „други придавки, вклучително и „Северно македонски”, „С. Македонски” и „СеверноМакедонски”, не треба да се употребуваат во овие случаи.“