fbpx

Српски протест во Митровица, меѓународната заедница повикува на смирување на тензијата

-

Српската заедница која живее на северот од Косово денеска во Косовска Митровица одржа протест, јавува српскиот весник Данас. Протестот следи откако утрово оставки си поднесоа градоначалниците и советниците на четири општини во северниот дел од Косово. Инаку, протестот го организира Српска листа, водечката партија на косовските Срби која ја има поддршката од официјален Белград.

Протестот се одржа во северниот дел на градот, каде што живее мнозински српско население, а на него говореше претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, досегашниот градоначалник на Северна Митровица, како и професори, судии, лекари и разрешениот командант на косовската полиција за регионот Север, Ненад Џуриќ.

Инаку, дел од српските претставници во косовската влада, парламентот, полицијата, судските и другите државни органи се одлучија да ги напуштат косовските институции. Српското малцинство во Косово почна да врши притисок врз косовските институции, откако претходно Владата на Косово од 1 ноември почна да го спроведува планот за пререгистрација на возилата со косовски регистарски таблички. Според планот на косовските власти, од април следната година во Косово треба да бидат во употреба само регистарските таблички РКС (Република Косово).

Ваквата одлука на север не сакаше да ја спроведе директорот на полицијата за северниот регион, Ненад Ѓуриќ, кој поради тоа беше суспендиран од владата во Приштина, што беше повод за повикот на претставниците на Српската листа за бојкот на косовските институции.

Косовската полиција денеска соопшти дека ќе продолжи да го одржува редот и безбедноста во северниот дел на Косово. Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља денеска го посети граничниот премин Брњак и полициската станица на граничната полиција во Јасеновик, јавува Радио-телевизија Косово.

„Косовската полиција им припаѓа на сите граѓани на Република Косово. Како таква, таа ќе продолжи да ја врши својата мисија со полна подготвеност во служба на сите наши граѓани без било каква разлика“, изјави министерот Свечља.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти и ги повика двете страни на воздржаност и на спречување на секакви еднострани акции од српската и косовската страна. И шефот на дипломатијата на Европската Унија, Жозеп Борел оцени дека случувањата во односите меѓу Приштина и Белград го доведуваат под опасност сето она што е постигнато со напорна работа во дијалогот меѓу Србија и Косово, повикувајќи ги двете страни да се воздржат од еднострани акции.

Според најавите од српските државни власти, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во 21 часот ќе ѝ се обрати на јавноста во врска со последните случувања и потези на Приштина, додека српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ рече дека официјален Белград добил информации оти косовската влада се подготвува во декември да поднесе до Брисел барање за членство во Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...