fbpx

Српски портал шири лажни вести за американска вежба -„Европа Дефендер 20“ е откажана поради коронавирусот

-

Српскиот веб-портал „Новине новосадске“ објави текст (13.03.2020) кој шири лажни вести, ги манипулира читателите и предизвикува паника. Во подолга „анализа“, тврди дека коронавирусот e средство за одвлекување внимание и е параван за распоредување на американска војска на територијата на Европа.

„Европа Дефендер 20“, инаку, е името на големата воена вежба која американската војска во соработка со НАТО требаше да ја изведе на територијата на Европа оваа пролет, но таа е откажана токму поради коронавирусот.

Објавениот напис на српскиот портал е коментаторски, едностран, полн со негативни забелешки кон американската војска, но и неточен. Текстот е тенденциозно напишан и претставува оркестриран напад кон војската на САД. Притоа се изнесени низа лажни податоци кои ја дезинформираат јавноста со цел да се креира негативно мислење за САД како држава и нејзината војска.

Текстот тврди дека вежбата ќе се одржи и покрај засиленото ширење на коронавирусот во Европа и без никакви докази, или каква било официјална потврда се вели дека американските војници се потполно имуни на вирусот и дека тоа го велат американските офицери. Но, нема ниту една официјална изјава од американски офицер која може да биде потврда дека тврдењето е веродостојно. Напротив, напишаното, без никаков официјален извор, личи на чиста измислица. Ама, текстот оди и чекор понатаму па на јавноста ѝ сервира и дополнителна теорија на заговор дека вирусот не е толку опасен и дека за него постои вакцина. Во написот се вели:

Можеби војниците ќе дојдат со соодветни маски и мерки за претпазливост за да ја изработат оваа вежба? Очигледно не! Според американски офицери, овие војници се целосно здрави и се потполно имуни на коронавирусот… Ако војниците се имуни на коронавирусот, дали значи дека вирусот не е толку опасен или дека постои вакцина?

Целата оваа теорија на заговор пропаѓа во вода затоа што воената вежба „Европа Дефендер 20“ е официјално откажана поради коронавирусот.

Како одговор на тековната епидемија на вирусот КОВИД-19 и неодамнешните насоки на Секретарот за одбрана, ние ги модифициравме вежбите „Defender-Europe 20“ во големина и обем. Од 13 март престанато е целото движење на персоналот и опремата од САД кон Европа. Здравјето, безбедноста и подготвеноста на нашата војска, цивили и членовите на семејствата е наша примарна грижа. Додека правиме соодветни прилагодувања, поврзаните вежби нема да бидат спроведени. Силите веќе распоредени во Европа за други поврзани вежби ќе се вратат во САД, се вели во соопштението од американската војска.

Овој тенденциозен и дезинформативен текст на овој веб-портал е прочитан околу 140.000 пати за  5 дена. Останува прашањето колку од лицата кои го прочитале текстот се информирани дека воената вежба на американската војска, всушност  е откажана поради коронавирусот и дека овој текст е чиста дезинформација?

Неодговорноста на медиумот оди дотаму што во текстот коронавирусот, од кого се заразени стотици илјади лица и од кого починаа илјадници луѓе, се нарекува „феномен“ и „корисно средство за одвлекување на внимание и подготвување на голем дел од граѓаните за нешто поважно што мора да се случи“.

Ова претставува целосно релативизирање на сериозноста на ситуацијата со што се прави штета на точното и навременото информирање на јавноста, нешто што е исклучително важно за полесно и поефикасно справување со оваа вонредна состојба која му се случува на светот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...