Српскиот портал „Информер“ излезе со текст со кој уште во насловот ја дезинформира јавноста.

Во гломазната насловна конструкција: „Аферата „Рекет” ја тресе Северна Македонија! “Падна” Боки 13, главниот обвинител под истрага, а сега се огласи и премиерот Зоран Заев!“, (AFERA “REKET” TRESE SEVERNU MAKEDONIJU! “PAO” je BOKI 13, glavna tužiteljka POD ISTRAGOM, a sada se oglasio i premijer Zoran Zaev!) е пласирана невистина. Главниот обвинител (се мисли на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева) до денеска не е под истрага.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и обвинителката Вилма Рускоска, која го води случајот „Рекет“, изјавија дека засега во истрагата за овој случај се опфатени само две лица: Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и Зоран Милески, познат како Зоки Кичеец.

Во врска со ова државниот обвинител Јовески на прес-конференција на 15 јули кажа дека во случајот се осомничени две лица за тргување до влијание за да се запре постапката што ја водел обвинител.

– Друго е прашањето дали ветувањата се оствариле или не. Истрагата продолжува за да се утврди кој сѐ е оштетен и кој сѐ влијаел – рече Јовески.

Ден потоа, обвинителката Рускоска во интервју за ТВ 24  рече дека инволвираноста на јавен обвинител во овој случај, „сега засега не може да се докаже“.

– Доколку се појават цврсти докази, сигурно дека истрагата ќе биде проширена, но сега навистина не можам да шпекулирам и би било несериозно од мене како обвинител да кажам во која насока може да нè одведе истрагата – рече Рускоска.

Дополнително, неточно е и тврдењето изнесено на крајот на текстот „Синоќа македонската полиција ја претресе куќата на Катица Јанева и во таа прилика ѝ беше одземен нејзиниот мобилен телефон“.

Јавното обвинителство демантираше дека е вршен претрес во домот на Јанева, туку само ѝ е одземен мобилниот телефон.

„По наредба на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корпција, одземен и е мобилниот телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева. Иако дел од медиумите објавија дека обвинителството врши претрес во нејзиниот дом, од ОЈО ја демантираат оваа вест, истакнувајќи дека одземен ѝ е само мобилниот“, пренесе Радио Слободна Европа.