Српскиот портал „Еспресо“ деновиве (19.12.2019)  излезе со сензационалистички наслов за случајот со актерката Силвија Стојановска, кој како бомба одекна во македонската јавност, но и пошироко – „Пренела брдо дрога од Шпанија! Уапсена позната југословенска глумица“ (PRENELA JE BRDO DROGE IZ ŠPANIJE! Uhapšena čuvena JUGOSLOVENSKA GLUMICA!).

Стојановска вчера беше приведена на распит во скопскиот кривичен суд, а потоа ѝ беше изречена мерката домашен притвор, под сомнение дека била дел од мрежа за шверц со кокаин.  Според информациите кои ги објавија медиумите, повикувајќи се на извори од истрагата, станува збор за 700 килограми кокаин од Шпанија.

Оваа вест е точно пренесена во содржинскиот дел на текстот од „Еспресо“, кој се повикува на македонските медиуми телевизијата „Телма“ и порталот „Сакам да кажам“.

Проблемот е што потоа написот е врамен со претенциозна насловна конструкција во која се тврди дека Стојановска  пренела огромна количина дрога. А, всушност, не се знае дали и каква е вмешаноста  на глумицата во споменатиот случај и за  што точно е таа беше уапсена, а потоа судијата на претходна постапка Ненад Савески ѝ одреди куќен притвор.

Надлежните институции – МВР и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, досега (20.12.2019)  не соопштија  ништо за случајот. Во врска со оваа истрага координирана со повеќе земји, во текот на вчерашниот ден  од МВР за „Дојче Веле“ кусо изјавиле: „Кога ќе дојде време, ќе бидат презентирани сите информации“.

Во оваа фаза од постапката, сè уште не се знае каква била улогата на двајцата притворени во Скопје (актерката која е во домашен притвор и уште едно машко лице – В.В. на кое му е изречена мерката ефективен притвор), ниту колку лица учествувале  во криминалната мрежа и колкав период траеле активностите за кои се сомничат. Така што, не може да се прејудицира дека Стојановска „пренела брдо дрога од Шпанија“, со оглед на тоа што официјално не е соопштено за што е осомничена.