Во сензационалистички манир српскиот портал „Ало“, преку насловот на текстот објавен на 10.12.2019 година ја манипулира јавноста: „МАКЕДОНЦИТЕ ЗАБРЗАНО СЕ ВООРУЖУВААТ – Пристигнува оружјето од моќниот сојузник. Скопје, сепак,  ќе мора од нешто да се откаже!“ (MAKEDONCI SE UBRZANO NAORUŽAVAJU Stiže oružje od moćnog saveznikaSkoplje će ipak morati nečeg da se odrekne!) 

Во конкретниот случај направена  е збунувачка  насловна конструкција со која е врамена една преземена информација од ТВ 21,  според која „во следните 10 години ќе бидат потрошени 700 милиони евра за модернизација на армијата.“  

Ова пред сѐ се однесува на модернизација на лесната пешадија, вклучувајќи и оклопни транспортери… Армијата ќе ја модернизира САД со кои наскоро ќе биде потпишан договор за набавка на транспортери...“ 

Содржината на веста  е точно пренесена. Само и од оригиналниот напис на ТВ 21 не може да се разбере  од каде е добиена ваквата информација, бидејќи во текстот не е наведен извор, па споменатите податоци во веста не може да се потврдат. Инаку,  најави за модернизација на Армијата неодамна  имаше од Министерството за одбрана, но дали и  во овој напис  МО е користено како изворе непознато. 

 Дополнително, насловот на текстот пласиран во „Ало“ тврди дека  „Скопје, сепак,  ќе мора да се откаже од нешто! А од што, не открива. Тоа читателот не може да го дознае ниту откако ќе ја прочита целата информација, во која нема ништо за „откажувањето“ кое Македонија, наводно,  ќе мора да го направи за сметка на модернизацијата на Армијата. 

Така што е јасно е дека „мистеријата“ се нашла во насловот  со единствена цел да привлече поголемо внимание и што повеќе кликови. 

Манипулативно делува и едната од фотографиите со кои е илустриран текстот, која има легенда „Прослава во Скопје“, а прилично е матна и не може да се види каде точно е снимена и што се прославува.