Српскиот портал „Ало“ објави текст со  проблематичен наслов: „ Сменета специјалната обвинителка Боки 13 со лисици! Аферата „Рекет“ доби неочекуван епилог! Македонија се тресе! (ВИДЕО)  – SMENJENA SPECIJALNA TUŽITELJKA Boki 13 u lisicama! Afera “Reket” dobila neočekivani epilog! Trese se Makedonija! (VIDEO)

Фактички, содржинскиот дел на написот е сосема коректен,  но тој е врамен со погрешна,  збунувачка и манипулативна насловна конструкција. Имено, кога ќе се прочита ваквиот наслов, тој на прв поглед создава впечаток дека тогаш (21.09.2019) од функцијата специјален јавен обвинител  била разрешена од Катица Јанева, а Боки 13 – уапсен, што е неточно.

Јанева беше разрешена една недела претходно , односно на 14 септември , кога Собранието едногласно со 102 гласа „за“  и ниту еден глас ,,воздржан” и ,,против” ја донесе Одлуката за нејзиното разрешување поради „незаконито, несовесно и нестручно раководење со институцијата Специјално јавно обвинителство (СЈО)“.

Бојан Јовановски, познат како Боки 13 , пак,  беше уапсен пред повеќе од два месеца – на 15 јули – на граничниот премин Богородица по што со лисици на рацете во придружба на полицијата беше донесен на распит во Кривичниот суд.

Фотографијата и видеото со кои е поткрепен текстот се оттогаш, но со нив свесно се манипулира за да се креира погрешна слика небаре тоа се случува во моментот.

Инаку, самиот текст – содржината,  пренесува точна информација осомничените за случајот „Рекет”  Боки 13 и  Јанева во понеделник и вторник ( 23 и 24 септември), навистина се повикани на распит во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Но, за жал веста е упропастена со несреќниот избор на наслов и илустрации.