Illustration: Fakenews.rs
Илустрација: Fakenews.rs

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Српскиот портал за борба против дезинформациите fakenews.rs анализира тврдење од предизборен спот на владејачката Српска напредна партија (СНС) – дека наводно бројката на жртви на Ковид-19 во Србија бил меѓу најниските во светот, што е проследено со краткотрајно прикажување на еден инфографик што наводно би требало да ги поткрепи таквите тврдења, со податок дека како критериум е земен бројот на умрени на милион луѓе.

Но ваквите тврдења се неточни, пишува порталот. Прво, СНС во видеоспотот не наведува извор за претставените податоци, ниту го споменува моментот во кој е направена пресметката.

„Иако нараторот соопштува дека бројот на жртви е меѓу најниските во светот, на инфографикот се претставени само европски држави (меѓу мои и микродржавите Сан Марино, Монако, Лихтенштајн и Андора), како и територии (островот Ман, Каналските Острови).

„Земајќи го предвид распоредот на листата, но и вклучувањето на споменатите територии, податоците се веројатно земени од делот на сајтот Worldometers кој го следи новиот корона вирус во Европа. Србија тука моментно е рангирана 32 од вкупно 48 држави и територии, што значи дека една третина европски држави и територии досега имале помал број смртни случаи на милион жители во споредба со Србија“, пишува fakenews.rs.

Порталот предупредува дека состојбата е уште полоша ако Србија се постави во светските статистики, односно земјата по број на починати на милион жители е на 55 место меѓу 215 држави и територии, што значи дека околу три четвртини од нив досега имаат помалку жртви отколку Србија.