fbpx

Српската влада по вчерашната трагедија предлага контроли и мораториум за носење оружје

Таткото на седмоодделенецот кој уби девет луѓе се сомничи за кривично дело против општата безбедност и утре ќе биде спроведен на распит пред јавен обвинител

-

Српската влада ги донесе најновите одлуки по вчерашното деветкратно убиство во белградското училиште „Владислав Рибникар“, пишува Радио-телевизија Србија

Владата со најновите одлуки предлага мораториум на издавање дозволи за поседување и носење огнено оружје (дозволи за набавка на оружје, потврди за оружје и слично), во наредните две години. Во рок од три месеци, мора да заврши прегледот на сите издадени дозволи за оружје.

Како што пренесуваат белградските медиуми, Владата ги усвоила и предлозите за другите мерки што вчера ги изнесе претседателот Александар Вучиќ, а тоа се ревизија на сите издадени дозволи за носење оружје, контрола на тоа како граѓаните го чуваат оружјето што го поседуваат со дозвола, контрола на стрелиштата, како и пропишување кривична одговорност за граѓаните кои дозволуваат малолетници да набават или да управуваат со оружје.

Владата, како што пренесуваат медиумите, го задолжила Министерството за правда да ја разгледа можноста за законско намалување на старосната граница за кривична одговорност кај малолетните лица од 14 на 12 години, притоа почитувајќи ги меѓународните и европските стандарди.

Инаку, ваквите владини одлуки доаѓаат по стравотниот настан што се случи вчера, кога К.К. (13), седмоодделенец, уби осум свои соученици и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, а рани уште шест деца и наставничка, со два пиштола во сопственост на неговиот татко.

Обвинителот на Вишото јавно обвинителство во Белград, Никола Ускоковиќ за РТС изјави дека нема да остане ниту еден неистражен детаљ од злосторството, наведувајќи дека сослушувањето на таткото на момчето кое пукало е закажано за утре.

„Момчето сега е во психијатриска установа со одобрение на неговите родители, каде што се преземаат мерки – опсервација и лекарска опсервација“, изјави Ускоковиќ, објаснувајќи дека, според законот, момчето не може кривично да одговара затоа што нема наполнето 14 години.

Таткото се сомничи за кривично дело против општата безбедност, тој беше спроведен вчера, а утре ќе следи распит кај јавен обвинител.

„За кривичното дело за кое што се товари му се заканува казна затвор од две до 12 години“, рече Ускоковиќ, оценувајќи дека вакво злосторство во Србија не се памети од Втората светска војна.

РТС пренесува дека граѓаните постојано се јавувале за помош во Институтот за ментално здравје во Белград по трагедијата во училиштето во Врачар. Психологот Јелена Радосављев од Институтот за ментално здравје во Белград за РТС наведува дека од синоќа добиваат интензивни повици, а од утрово непрекинато се јавуваат граѓани.

„На почетокот се јавуваа граѓани кои сакаа да се произнесат за трагичниот настан, но сега почнаа да се јавуваат родители кои за жал ги загубија децата и нивните роднини, како и родители и роднини на децата кои успеаја да се спасат. Нè контактираат и наставници од ОУ „Владислав Рибникар“ и од други училишта со прашања како да ја организираат сега наставата“, вели Радосављева и додава дека засега немале повици од деца. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...