Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ денеска одбележува 76 години постоење

Фото: Град Скопје

Денеска по повод одбележувањето 76 години постоење на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов го посети училиштето во присуство на директорката, Маја Салиу.

„Во изминативе три години овде, во ова средно училиште, има
инвестирано вкупно 54 милиони денари – ги обновивме во целост подовите,
вратите на училниците, надворешната столарија, целосно го уредивме
новото спортско игралиште по сите стандарди, партерно го уредивме дворот
и ЛЕД осветлувањето. Кога ќе се нормализира состојбата, очекувам во
наредната учебна година повторно да ни се вратат учениците. Станува збор
за околу 2.400 ученици кои се во 5 различни струки, распоредени во 76
паралелки, а кои ќе наидат на обновено училиште“ рече Шилегов.

Директорката на училиштето, Маја Салиу го изрази своето задоволство за соработката со Град Скопје, за која како што рече ја вреднува и препознава важноста на ова училиште.

„Иако поради пандемијата, наставата се префрли во виртуелните училници, нашите ученици продолжија со практичната настава и тоа во здравствените институции, во реалниот сектор. Во рамките на образовни новитети би ја издвоила главната паралелка со Алкалоид АД и тоа што дополнително се воведува смерот гинеколошко акушерска сестра поради зголемената побарувачка на пазарот на труд“ изјави Салиу.

Инаку денеска се одбележува и Светскиот ден на здравјето, 7 април, по чиј повод Македонското лекарско друштво (МЛД) му додели специјална награда на Македонското Здружение на инфектолози, за секој поединец инфектолог, како први борбени столбови во пандемијата со ковид-19.