Средношколците во понеделник на протест: „Комплексни проблеми не може да се решаваат со едноставни одговори“

Комбинирано или хибридно учење како најефикасен начин за настава во време на пандемија и децентрализиран пристап – секоја општина и училиште посебно да одлучат за најбезбедниот начин за одвивање на наставата, ќе бараат средношколците на протестот кој е закажан за во понеделник. Истиот ќе започне пред Министерството за образование и наука, а ќе заврши пред Влада, најавија организаторите од Сојузот на средношколци на РСМ.

Лука Павиќевиќ, член на Извршниот одбор на Сојузот на средношколци, за „Мета.мк“ ги потврди барањата кои тие ќе ги упатат до надлежните пред почетокот на новата учебна година на 1 октомври. И покрај состаноците со Владата и Комисијата за заразни болести, тие не отстапуваат од протестот.

„Сојузот на средношколци со оваа проблематика работи уште од јуни. Дури тогаш Сојузот испраќаше свои предлози и извештаи до МОН, но не добивме никаков одговор, до првата средба којашто се случи неодамна. Ние секако продолжуваме со состаноците со Владата, со цел да ги унапредиме, промениме и подобриме веќе постоечките протоколи, како и да издејствуваме решенија за прашањата кои можеби сè уште не се адресирани. Сепак, силно веруваме дека гласот на средношколците мора да биде слушнат. Па, затоа го организираме протестот“, вели Павиќевиќ.

Освен комбинираното учење и децентрализираниот пристап, средношколците бараат и почитување на хигиената во училиштата, како и одржување на практичната настава со физичко присуство.

Лука Павиќевиќ
Лука Павиќевиќ, член на Извршен одбор на Сојуз на средношколци на РСМ / фото: лична архива

„Во стручните училишта, праксата треба да се изврши со физичко присуство, почитувајќи ги заштитните мерки. Да се почитуваат мерките за здравствена хигиена со обезбедување на соодветни средства, вклучително сапун, рачни санитатори со најмалку 60% алкохол, тоалетна хартија и хигиенска хартија за дезинфекција. Училиштата треба да се вратат во режимот за учење од далечина во случај кога различни групи или 5% од персоналот и учениците ќе излезат позитивни во 14 дена“, додава Павиќевиќ.

На средбата со Комисијата за заразни болести, која се одржа во вторникот, се разговарало за начинот на одвивање на наставата, а средношколците имале увид во работата на Комисијата.

„Нашата делегација имаше можност со свои очи да види како делува Комисијата за заразни болести на еден од нивните редовни состаноци. На седницата делегацијата на Сојузот на средношколци разговараше за отворањето на училиштата, одвивањето на наставата, различните модели, овојпат преку една епидемиолошка призма“, вели Павиќевиќ.

Претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи, на социјалните мрежи објави пораки кои ги добивал, а во кои се упатени и закани до него. Хелсиншкиот комитет за човекови права и организацијата ЦИВИЛ го осудија говорот на омраза кон Ходаи. Павиќевиќ смета дека ваквите појави се резултат на јавниот притисок за протестот во понеделник.

„Говорот на омраза насочен кон претседателот на Сојузот, во главно поради неговата етничка припадност, беше една навистина вознемирувачка појава поради фактот дека еден млад активист кој се бори за она во што верува, беше напаѓан со навреди и пцости само поради неговиот етницитет“, вели тој.

Сојузот на средношколци на состанокот на Комисијата за заразни болести / Фото: Министерство за здравство

Кратката анкета која Мета.мк ја спроведе на Инстаграм во соработка со @studentarijamk, покажа дека речиси две третини од средношколците се против онлајн настава во претстојната учебна година. На прашањето Дали се согласувате со одлуката на Владата наставата за сите ученици во основните и средните училишта, освен за учениците од прво до трето одделение, да се одвива онлајн, 65,7 отсто одговориле негативно, додека 34,3 проценти рекле дека се согласуваат со ваквата одлука.

На прашањето Каков вид на настава според вас би бил најпрактичен за претстојната учебна година, најголем дел (37,8 отсто) ја навеле наставата во училиште со физичко присуство. Нешто помалку (36,2 посто) сметаат дека најдобра опција би била комбинирана настава. Далечинко учење, односно онлајн настава, навеле 26 проценти од испитаниците.

Павиќевиќ вели дека овие резултати се показател дека мнозинството е против одлуката за онлајн настава и истите ги потврдуваат нивните гледишта.

„Според вашата анкета две третини од испитаниците кажале дека не се согласуваат со одлуката на Владата сите одделенија над четврто да следат онлајн настава. Оваа анкета ги потврдува нашите гледишта дека не може комплексни проблеми да бидат решавани со едноставни одговори. Токму затоа Сојузот се залага за комбиниран, децентрализиран модел на настава. Ме радува фактот дека 36% рекле дека се залагаат за комбинирана настава, односно едно консензуално, ефективно решение“, вели Павиќевиќ.

Протестот на средношколците во понеделник ќе започне во 17:30 часот, а организаторите повикаа на почитување на мерките за заштите за време на одржувањето на истиот.