Средношколците разочарани оти не ги добија ветените производи за менструална хигиена

фото: Natracare на Unsplash

Сојузот на средношколци со жалење констатира дека средношколките во Скопје оваа година не ги добија ветените бесплатни производи за менструална хигиена. Иако оваа мерка беше широко поддржана од целокупната јавност, таа не се спроведе во текот на 2022 година, наведено е во реакцијата од Сојузот.

„Многупати се случувало средношколките сами да се организираат за да донесат производи за менструална хигиена во средните училишта. Имајќи предвид дека производите за менструална хигиена не се никаков луксуз, туку апсолутно насушен продукт, Сојузот на средношколци го поддржува принципот истите да се нудат бесплатно во средните училишта низ цела Македонија – и секако, конректната мерка во Градот Скопје“, наведено е во соопштението на Сојузот на средношколци.

Оттаму, тие го поздравуваат двојното зголемувањето на буџетот за бесплатни производи за менструална хигиена за 2023 година во Скопје и ги повикуваат градските институции да ја спроведат оваа мерка, која е против т.н. розева такса.

„Час поскоро треба да се спроведе најавеното намалување на стапката на ДДВ за производите за менструална хигиена на државно ниво“, потенцираат оттаму.

Сојузот ги повикува сите одговорни лица да преземат конкретни политики за намалување на менструалната сиромаштија кај средношколките.

„Повикуваме на политички консензус, особено кај политичарките и бараме итно спроведување на ветените бесплатни производи за менструална хигиена во средните училишта во Скопје“, велат во Сојузот.

Реакцијата на Сојузот на средношколци, доаѓа откако Мета.мк вчера објави дека градските власти не обезбедија бесплатни менструални прозводи за средните училишта. На крајот на декември лани, Советот на град Скопје, по предлог амандман предложен од страна на советничката Теодора Крстевска, изгласа да се одвојат 2.000.000 денари од буџетот на градот кои ќе бидат наменети за обезбедување на бесплатни менструални производи за средните училишта.