Средношколците од ОДАС преку протест побараа кратење на материјалот за матура и се сретнаа со МОН

Матурантите истакнаа дека како генерација поминале низ многу несакани и непредвидливи ситуации и дека немаат ниту една цела непрекината учебна година. МОН, пак, информираше дека материјалот за матура ќе биде скратен и соодветен на случувањата во образованието

Фото: Мета.мк

Кратење на материјалот за полагање на државна матура и увид во истиот, побараа од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) на протестот што денеска го организираа пред зградата на Министерството за образование и наука (МОН). По протестот на кој присуствуваа десетици средношколци и неколку студенти, претставници на организацијата влегоа на средба во Министерството, каде исто така ги пренеле своите барања.

Државниот испитен центар за Мета.мк веќе информираше дека испитните комисии што ги прават прашањата за државна матура ги имаат предвид случувањата со лажните дојави за бомби во средните училишта и губењето на наставата. Од ОДАС информираа дека и од страна на МОН на средбата добиле информација дека материјалот е веќе скратен, но реагираат дека немале увид во материјалот што ќе се полага.

„Најавено е дека има скратен материјал, но таков увид во материјалот ние немаме добиено. Нашето главно барање е да биде скратен материјалот којшто е предвиден за полагање на државната матура со оглед на сето она што го поминавме како матуранти овие четири години“, истакна на протестот Анисија Угриновска, претседателка на организацијата ОДАС.

Матурантите истакнаа дека како генерација поминале низ многу несакани и непредвидливи ситуации и дека немаат ниту една цела непрекината учебна година.

„Поминавме низ онлајн настава, низ дојави за бомби, поминавме низ штрајкови на професори коишто ги поддржавме, поминавме низ штрајкови на вработените на ЈСП што го отежна доаѓањето на учениците во училиштата. Сите овие фактори ќе влијаат дефинитивно на полагањето на државната матура на матурантите. Ние во саботната дискусија како средношколци се согласивме дека сме најоштетена генерација и дека како генерација не сме имале една цела непрекината учебна година“, рече Угриновска.

ОДАС пред неколку денови предложи и полагање на еден интерен испит помалку на државната матура, нешто за кое од Сојузот на средношколци рекоа дека не смее да се случи, затоа што не е во интерес на матурантите.

„Ако се укине еден интерен испит од вкупно два кои се дел од државната матура,  можноста да се запишат матурантите на факултет ќе биде сериозно намалена и нарушена“, предупредија од Средношколскиот сојуз.

Од ОДАС денес рекоа дека кратењето на еден интерен предмет било само алтернатива и дека нивно главно барање останува кратењето на матурскиот материјал.

Од организацијата, исто така, оценија дека Средношколскиот сојуз реагирал со доцнење во однос на предизвиците со кои се соочуваат матурантите.

Откако претставници на МОН ги примија средношколците на средба, од ОДАС соопштија дека на средбата успеале да издејствуваат училиштата да мораат годинава да им достават на учениците банки со прашања за полагањето на интерните предмети.

„Од друга страна, ни беше кажано дека материјалот е веќе скратен, но не добивме целосен увид во тоа колку и кој материјал е скратен. Тоа што го забележавме беше дека скратениот материјал по мајчин јазик (македонски) е речиси идентичен со тој од минатогодишната матура. Продолжуваме да го следиме процесот и да работиме на заложбата за подобро образование, и ќе информираме за сите следни чекори по извршување на разговори со средношколците“, информираа од ОДАС по средбата.

МОН попладнево информираше дека испитниот материјал за полагање на државната матура во учебната 2022/2023 е соодветен на случувањата во училиштата во целиот изминат период на образование на оваа генерација матуранти.

„Испитните комисии кои ги подготвуваат прашањата, имаат предвид дека наставата повремено се организираше онлајн поради пандемијата со Ковид и поради заканувачките дојави, а повремен прекин се случи и поради штрајк на наставниот кадар. Прашањата ќе се однесуваат исклучиво на најважните аспекти, податоци и информации од материјалот кој учениците го совладале во четирите години од нивното средно образование“, објавија од Министерството.

фото: Мета.мк

На протестот на средношколците денеска им се придружија и неколку студенти, кои освен поддршката кон матурантите, истакнаа и свои барања.

„Сметаме дека заедно можеме да испратиме погласна порака и да се избориме за заедничките барања. Потсетуваме дека целта на овој протест е немање слух на владата за нашите проблеми. Бараме зголемување на субвенционираниот студентски оброк и бараме почитување на роковите за исплата на субвенционираниот студентски оброк и за стипендиите кои веќе доцнат месец дена. Излажани сме за подобрувањето на условите на студентските домови и нема ништо од реновирање, а условите и понатаму се катастрофални“, истакна на протестот Теодора Наумовска од движењето Студентски отпор.

На прашањето колку бараат да изнесува субвенционираниот оброк, со оглед дека веќе е најавено негово покачување на 140 денари дневно, Наумовска рече дека, според стандардот, би биле задоволни со 160 денари дневно. Претходно, за време на кратките протести во ноември, од истото движење бараа субвенционираниот оброк да се покачи на 150 денари.

Инаку, од Сојузот на средношколци денеска излегоа со свои четири барања во однос на полагањето на државната матура. Тие побараа полагањето на првиот екстерен испит да се одржи на 3 јуни наместо на 27 мај, потоа промена на соодносот меѓу поените што ги носат испитите од матурата и бодување на соодветните предмети при упис на факултет. Сојузот побара и материјали за интерните испити и банки со прашања најдоцна четири недели пред испитот.

Матура да се полага на 3 јуни наместо на 27 мај, бара Средношколскиот сојуз