Средношколците кои ги исполнуваат условите за користење на бесплатен јавен превоз и оваа година ќе имаат право бесплатно да се возат во автобусите за време на летниот распуст, информираше ЈСП Скопје.
Како што велат од ова претпријатие, правото на бесплатен превоз за време на претстојниот распуст е согласно Програмата за активностите на Град Скопје од областа на средното образование во 2023 година, која, меѓу другото, вели:
„Со почетокот на 2023 година учениците од средните училишта на Град Скопје ќе имаат можност да користат бесплатен превоз и за време на зимскиот и летниот распуст и на овој начин непречено да ги извршуваат своите училишни обврски за посетување на феријална пракса и практикантска обука…“.
Од понеделник, 12 јуни, јавниот превоз ќе функционира по летен возен ред. Распоредот на сообраќање на возилата на сите градски и приградски линии е достапен на интернет-страницата на ЈСП Скопје.
Инаку, Сојузот на средношколци побара правото на бесплатен јавен превоз во Скопје да важи за сите ученици од средно образование, односно и за оние од приватните училишта. За ова Сојузот неделава поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на членот 41 а од Законот за средното образование.
Сите средношколци да се возат бесплатно во автобус, бара Средношколскиот сојуз