Средношколци учат како да работат во погон и за тоа добиваат надоместок 3.000 денари

Извор на фотографија: Министерство за образование и наука

Проектот „Учи паметно, работи стручно“ веќе втора година е дел од образовниот систем. Има за цел да го унапреди средното стручно образование, да го зајакне дуалното образование, да продуцира стручни профили согласно потребите на пазарот на труд и да ја зголеми вработеноста на младите. Во средните стручни училишта има т.н. дуални паралелки, односно опција учениците да одат на пракса во компании, за да се оспособат за работа по завршувањето на образованието.

Учениците од машинската струка во средното стручно училиште „Владо Тасевски“ веќе трета година по ред одат на пракса во „Гересхајмер“, германската компанија за производство на медицинска пластика. Директорот Александар Сибиновски вели дека учениците се задоволни и успешни.

„Дуалната паралелка е формирана под покровителство на германската стопанска комора. Сега ова е трета генерација која учи во неа. Учениците праксата ја изведуваат во компанијата и земаат одреден надоместок, за тоа, месечно по 3.000 денари. Имаат превоз до компанијата и назад, а одат таму еден ден во неделата, од 8 до 14 часот. Тоа се посебни погони за нив во кои имаат обука во кои имаат реално работно опкружување. Гледат и учат како работат вработените“, вели Сибиновски.

Директорот вели дека интерес за таа паралелка има. Кога учениците матурираат, добиваат германски сертификат, со кој може во Германија во било која сродна дејност да работат. Откако ќе завршат, учениците имаат повеќе опции, да работат во компанијата, но и да студираат со стипендија од компанијата.

Како што појаснуваат во Министерството за образование и наука, проектот „Учи паметно, работи стручно“ се спроведува втора година по ред, со опфат на сите региони во државата и со учество на локалните самоуправи, средните стручни училишта и бизнис заедницата со кои заедно се утврдуваат потребите од соодветен кадар и се дизајнираат наставните планови и програми.

„Како резултат на успешниот дијалог што МОН го водеше на локално ниво минатата година, во учебната 2021/22 бројот на дуални паралелки беше зголемен од постојните 11 на вкупно 97 и во нив се запишаа 1.400 ученици, или збирно во средното техничко образование се запишаа за 6% повеќе ученици од минатата учебна година. Во овој процес беа вклучени над 200 компании кои примија ученици на практична обука“, велат оттаму.

Оваа година во процесот се вклучени двојно повеќе компании. Пред почетокот на дијалогот, МОН спроведе прашалник помеѓу компаниите за заинтересираноста да учествуваат во креирањето на дуалните паралелки за учебната 2022/23 година и околу 400 компании одговорија на прашалникот, а дури 90 отсто од нив се подготвени да примаат ученици на пракса во нивните организациски и производствени процеси, со што директно ќе се вклучат во создавање на поквалитетно стручно образование од кое ќе излезат добро обучени кадри кои се подготвени веднаш по дипломирањето да започнат со работа, а воедно и ќе имаат добра основа за академска надградба.

Дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ се спроведува во рамки на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е“, кој е финансиран од Швајцарската амбасада.

„Нашите заложби за создавање на подобро стручно образование, но и привлекување на учениците кон стручната подготовка ги покажавме и со менување на политиките за стипендирање. Оваа учебна година учениците запишани во дуалните паралелки во средните училишта во државата добиваат месечна стипендија во висина од 3.500 денари, што е уште еден поттик повеќе за постигнување подобри резултати, но и финансиско олеснување во процесот на школувањето. Овие стипендии ќе бидат достапни и во новата учебна година, за која, креирањето на уписната политика тече со сумирање на резултатите, сугестиите и препораките од сите општини, училишта и компании“, информираат во МОН.