Средношколци од Велес со нивната бизнис идеја за филтер за прочистување природна вода се победници на Кампот за иновации

Фото: ЈА Macedonia

Tимот Вин од средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес, победи на Кампот за иновации, натпревар на средношколци во претприемнички вештини. Победничкиот проект е филтер за прочистување природна вода, наменет при рекреација во природа во ситуација каде нема пристап до вода за пиење.

„Up-grade“ филтерот ги елиминира микробите што се наоѓаат во водата од реката, езерото или дождовната вода и ја прочистува од био-контаминација и бактерии. Иако е примарно наменет за употреба во природа, специјалниот филтер може да се користи и на училиште, работа или во домовите. Циклусот на чистење на водата се активира со едноставно полнење на шишето и протресување.

Второто место го освои тимот од гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин” од Скопје, со својот повеќенаменски ранец, направен од искористени материјали, а кој вклучува и водоотпорна јакна, филтер на вода и полнач со светилка напојувана од малиот вграден соларен панел.

Третонаградена беше идејата за автомати за рециклирање на стари патики од тимот средношколци од „Владо Тасевски”, Скопје. За секој пар оставени стари и износени патики во автоматите, потрошувачите добиваат 10% попуст на спортска опрема во продавниците кои соработуваат со ученичката компанија, а дел од профитот е дониран на социјално загрозени семејства.

Овие и многу други креативни решенија беа претставени од средношколците пред четиричлената жири комисија во текот на минатата недела. Кампот на иновации се одржа во периодот од 9 до 23 јуни 2021 година, на кој учествуваа 66 ученици, од 9 тима од средни училишта од Велес, Виница, Кочани, Струмица и Скопје.

Кампот е организиран од Џуниор Ачивмент Македонија со поддршка од УСАИД и Фондот за иновации и технолошки развој.

Од Џуниор Ачивмент Македонија велат дека преку спонзорства обезбедиле и две дополнителни награди за тимовите ученици од Средно училиште „Цветан Димов” од Скопје и „Љупчо Сантов” од Кочани.

На свечената церемонија за доделување награди, кoја што се одржа на 23 јуни , претставникот на Канцеларијата на УСАИД во земјава, Ерик Јановски нагласи дека новонаучените вештини, креативноста и решенијата, на учениците ќе им помогнат да станат креативни претприемачи.

Тој се надева дека искуството кое го добија учествувајќи во Кампот на иновации ќе го искористат да откријат како да придонесат за подобра иднина во заедницата и во државата. Исто така ја истакна подршката која ја дава УСАИД за младите да земат активно учество во дефинирањето на образовните програми и кариери во својата држава. Јановски исто така им се заблагодари на учениците што во осмислувањето на своите идеи се потрудиле да рециклираат, да бидат инклузивни, но и да користат обновливи извори на енергија.

Раководителот во Фондот за иновации и технолошки развој, Катерина Кречева, верува дека со ова искуство учениците стекнале вредни знаења за понатаму и дека ќе го понесат овој процес како едно позитивно искуство во својот живот.

На присутните ученици и гости им се обрати и Шериф Мифтари, директор на Центарот за стручно образование и обука, кој на учениците им порача дека натпреварите на Џуниор Ачивмент Македонија се добар модел каде ќе научат да решаваат проблеми, да размислуваат креативно и да ги јакнат своите комуникациски, презентациски и лидерски вештини, при што сето ова е клучно за успех во денешната глобална економија.

Овој натпревар е дел од Проектот на УСАИД за Поддршка на претприемничко учење во Југоисточна Европа и Евроазија, имплементиран од Џуниор Ачивмент Македонија, кој им овозможува на младите да стекнат практично искуство за водење бизнис и развивање нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење, потребни за успешно водење на економијата во земјата.