Средношколци од пет училишта за прв пат ќе учат преку VR технологија

Фото: Блинк 42-21

Учениците од пет средни електротехнички училишта ќе можат да се транспортираат во дигитален фабрички погон и да стекнуваат вештини за заштита при работа, движење во простории каде има опасен напон, работа со алати и инструменти, идентификување дефекти во електропростор и нивно отстранување преку апликација за виртуелна реалност во наставата.

„Лабораторија за стекнување на вештини преку Виртуелна Реалност“ е проект кој го разви Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21, а во 2020 година беше селектиран како финалист на глобалниот предизвик за работни вештини помеѓу 473 проекти од 100 земји.  Проектот се реализира со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ), а во соработка со Организацијата на работодавачи на Македонија.

Петте средни стручни училишта ќе добијат и соодветна ИТ опрема (компјутери и VR уреди), со цел целосно користење на придобивките од VR технологијата.

„На овој начин, младите добиваат јасна, визуелна претстава за она што го учат од книгите, наставата добива поголема мултимедијалност, интерактивност, а средните стручните училишта стануваат поатрактивни за новите генерации“, истакнаа од БЛИНК 42 – 21.