Средношколци од „Joсип Броз Тито“ ќе се натпреваруваат во финале на „Европскиот квиз на пари”

Фото: Македонска банкарска асоцијација

Учениците од средното училиште „Joсип Броз Тито“ – Скопје, Матеја Талеска и Дино Дановиц се одбрани да бидат наши претставници на европското финале на „Европскиот квиз на пари”. Тие под менторство на професорката Емилија Величкова на националниот натпревар успеаа да ги победат останатите 439 тима, од кои 423 тима се натпреваруваа на македонски, а 16 тима на албански јазик, соопшти денеска Македонската банкарска асоцијација.

Второто место го освоија учениците Теона Митревска и Јани Јеренда од училиштето СЕПУГС „Васил Антевски Дрен” – Скопје, под менторство на професорката Биљана Ниновска, а третопласирани се Марија Вчкова и Стефанија Сарафимова од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци, под менторство на професорката Јасминка Ризова.

Националниот натпревар, на кој учествуваа 878 ученици под менторство на 94 наставници/професори од 72 основни и средни училишта од целата земја се одржа по четврти пат, за време на Глобалната/европската недела на пари.

Европското финале на квизот, ќе се одржи на 10 мај и ќе се одвива виртуелно. Освен со парична награда, за првпат, Европската банкарска федерација петте најдобри тима ќе ги награди со дводневно патување во Брисел, Белгија, појаснија од Македонската банкарска асоцијација.

„Европскиот квиз на пари” е проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на ученици од 13 до 15-годишна возраст, што Македонската банкарска асоцијација го организира во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија.