Средношколци од четири училишта во Битола, Виница и Скопје ги споделија своите проблеми и предизвици поврзани со менталното здравје. Над 100 ученици учествуваа во кампањата за ментално здравје на учениците „Твоја приказна, наша поддршка“ што ја спроведува граѓанската организација „Младите можат“. Тие, на хартија ги напишаа своите проблеми и тешкотии со кои се соочуваат во училишната средина или надвор од неа и анонимно ги споделија во кутии поставени во училиштата.
Активноста се реализираше во текот на мај, месец кој на глобално ниво е посветен на менталното здравје, кога беа организирани и работилници со училишните психолози, на кои низ конструктивна дискусија се бараа решенија за она што ги мачи или вознемирува учениците.
„Навистина нè охрабри тоа што средношколците, кои се во чувствителен период од нивниот развој, беа подготвени да ги споделат своите предизвици и отворено да говорат за тоа на работилниците. Препознавањето на проблемот и признавањето дека постои е прв чекор кон негово решавање. Токму тоа е целта на оваа активност, а и на целата кампања, односно да ја зголемиме свеста дека менталното здравје не треба да биде табу тема и дека училиштето е средина каде може да се решат предизвиците со кои се соочуваат учениците“, вели Филип Ивковски, координатор на програмите за ментално здравје во „Младите можат“.
Поради успешно спроведената активност и задоволството од постигнатите резултати од страна на учениците, психолозите и училиштата, иницијативата ќе продолжи и во септември во нови средни училшта низ Македонија.
Во рамки на кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“, ќе се реализира и програма за унапредување на капацитетите за грижа на менталното здравје на средношколците, во десет училишта кои ќе се изберат преку јавен повик. Станува збор за сеопфатна програма која вклучува обука на класните раководители за поттикнување на грижа за менталното здравје, спроведување неформални активности на оваа тема во училиштата и целогодишна менторска поддршка од искусен младински работник.
Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ на граѓанската организација Младите можат започна минатата година и има за цел да ја зголеми свесноста и информираноста за важноста на менталното здравје кај младите на возраст од 14 до 18 години.