Средношколци гледаа филмови за климатски промени и намалување на отпадот

Фото: Chapter 4

Средношколци од 12 скопски средни училишта следеа проекција на филмови за климатски промени и отпад во киното Синеплекс, во рамки на проектот „EU Youth Cinema: Green Deal“, финансиран од ЕУ и спроведен од Здружението „Гоу Грин“ Скопје во соработка со Град Скопје. Беа прикажани филмовите „Фактите за климатските промени“ (во продукција на BBC, 2019) и „Планина од отпад: скриениот товар од нашиот моден отпад“ (Fellipe Lopes, 2020).

Проекцијата на филмовите се одвива во текот на Европската недела за намалување отпад. Оваа година, Европската недела за намалување отпад се фокусира на отпадот од текстил за да го означи големото влијание што го има текстилната индустрија врз планетата, но главно и да поттикне акции кои ќе ја зголемат циркуларноста во овој сектор. Позади црвените теписи, модните ревии и продажбите на облека, постои масивна индустрија која вработува 1,5 милион луѓе само во Европа.

Како што рече Борче Кузмановски, експертот за отпад од „Гоу Грин“, граѓаните директно можат да влијаат на намалување на климатските промени преку промена на сопствените навики.

„Тоа се намалување на создавање количини отпад и оној отпад кој неизбежно се создава да биде правилно селектиран, за да се избегне негово депонирање, а со тоа и создавање на стакленички гасови кои придонесуваат кон глобалното затоплување”, смета Кузмановски.

Секоја година, во просек, секој Европеец троши 26 килограми текстил, од кои 11 килограми се фрлаат по нивно носење од само 7 до 8 пати. Овие ткаенини или текстил се фрлаат во Европа, 87 отсто се спалуваат или завршуваат на депонии, додека само 10 отсто се враќаат во продавниците за поволна облека (second hand shops). Како одговор на ова, Европскиот Парламент ја одобри Рамковната директива за отпад, која наложува земјите-членки да почнат селекција на текстилен отпад до 2025 година.