Средните училишта до 28 октомври можат да се пријават за размена со училишта од регионот

Извор на фотографија: АРНО

Повикот за проектот Суперучилишта, програма на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) за размена на ученици меѓу средните училишта од Западен Балкан, е отворен до 28 октомври за сите средни училишта во земјава, информираат од RYCO.

Повикот претставува можност за училиштата, учениците и наставниците, и има за цел да го поддржи процесот за помирување и градење мир како и учење и интеркултурен дијалог помеѓу ученицитe и нивните заедници. Доколку бидат избрани, средните училишта со оваа програма ќе имаат можност да спроведат училишна размена со партнерско училиште од друга земја во Западен Балкан и да учествуваат во програмските активности посветени на градење на нивните капацитети, поврзување и соработка.

Секое средно училиште, државно или приватно, од Западен Балкан е покането да аплицира и да ги спроведе овие размени, а благодарение на Европската унија и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), трошоците за размена ќе бидат покриени за сите избрани училишта. Претходниот повик им даде можност на 60 училишта и повеќе од 800 ученици да учествуваат во размени, а овој отворен повик е наменет за 100 училишта и до 1.200 ученици.

Преку онлајн платформата www.superschools.net, заинтересираното училиште треба да се регистрира, да креира онлајн профил и да најде партнерско училиште од друга земја во Западен Балкант, а потоа во апликацијата, да ги идентификува и предложи заедничките активности кои би се реализирале за време на размената.

Вториот циклус на размени ќе се одвива од март до октомври 2023 година и секое училиште-партнер ќе организира една посета на партнерското училиште, со група до 12 ученици и 1 до 2 наставници во времетраење до 7 дена. Преку програма за размена, учениците и наставниците ќе имаат можност да патуваат, да се претстават себеси, своите училишта и обичаи пред домаќините и да научат нови работи за локалните заедници во различни делови од нашиот регион.

Програмата Суперучилишта е дел од мултидонаторскиот проект „Програма за училишна размена на Западен Балкан“ кофинансиран од Европската Унија и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), а го спроведува Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) заедно со RYCO.