Сребро и бронза за наши математичари на Олимпијадата за студенти од Југоисточна Европа

Сребрениот медал го освои Лука Хаџи-Јорданов, а бронзениот медал го освои Марија Стојковска, студенти во втора година на Институтот за математика при ПМФ

Фото: Сојуз на математичари

Студентот Лука Хаџи-Јорданов освои сребрен медал, а Марија Стојковска бронза на 17. по ред математичка олимпијада за студенти од Југоисточна Европа со меѓународно учество (SEEMOUS 2023), информира Сојузот на математичари на својот профил на Фејсбук.

Настанот го организираше Сојузот, Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје и Математичкото друштво на Југоисточна Европа (MASSEE). Олимпијадата се одржа во периодот од 7 до 12 март во Струга, Македонија.

Фото: Сојуз на математичари

„Сребрениот медал го освои Лука Хаџи-Јорданов, а бронзениот медал го освои Марија Стојковска, студенти во втора година на Институтот за математика при ПМФ. Македонија успешно ја претставија и студентите Христина Митревска, Дамјан Георгиевски и Ангела Јакимовска, студенти во прва година на Институтот за математика при ПМФ. Водач на екипата беше Илија Јовчески, а заменик водач Никола Велов“, пишува во објавата на Фејсбук.