Министерството за просвета, наука и технолошки развој во Србија денеска им наложи на сите училишта за средно образование д ги одложат студиските патувања и екскурзиите во Италија заради епидемијата на корона вирусот. Во меѓувреме, нашето Министерство за образование и наука (МОН) чека на насоките од Комисијата за заразни болести.

Во Италија инаку досега петмина починаа од овој вирус, а 219 лица се заразени. Најголем број од заразените се во покраините Ломбардија и Венето.

– Министерството за образование и наука во ситуации на интензивирање на заразни болести и вируси во земјата или во меѓународни размери, секогаш ги следи препораките од другите надлежни институции за јавното здравје, во случајов од Комисијата за заштита од заразни болести. Ако биде донесена одлука за воведување на одредена превентивна мерка/препорака која ќе се однесува на учениците, вклучително и насока за ограничување на патување во одредени земји и региони, јавноста и училиштата ќе бидат веднаш информирани – соопштуваат оттаму за „Мета.мк“.

Надлежните во МОН потенцираат дека движењата на учениците во и надвор од земјата се со согласност од родителите на учениците, кои исто така треба да ги следат препораките од надлежните институции од областа на здравството.

Иако бројот на нови потврдени случаи на вирус „Ковид-19“ опаѓа во Кина, сега започнаа да се шират низ целиот свет.

Во текот на викендот, бројот на заразени во Италија наеднаш се зголеми на повеќе од 150 лица. Италијанската влада ги „заклучи“ најпогодените области на северот – Ломбардија и Венето, наметнувајќи казни за секој оној кој ќе биде фатен како се обидува да влезе или да ги напушти областите.

Од европските држави со корона вирус се заразени лица во Белгија, Италија, Шведска, Финска, Шпанија, Германија и Франција.

Нашите здравствени власти уверуваат дека со зголемено ниво на будност се следи ситуацијата.