fbpx

„Катимерини“: Може никогаш да не го дознаеме идентитетот на жителот на Амфиполис

-

Антрополошките и ДНК-испитувањата тешко може да го откријат идентитетот на личноста закопана во Амфиполис, пренесува грчкиот весник „Катимерини“.

Ваквата информација доаѓа како студен туш по возбудата за откривање скелет и два цртежи во боја со ликови на маж и на жена на ѕидовите на гробницата, елемент кој досега не е забележан и пронајден во ниту еден гроб од античката македонска цивилизација и за кој постоеше надеж дека може да почне да го расплеткува клопчето на мистеријата за покојникот закопан во гробницата во близина на Серес.

Анализата на скелетот не се очекува да даде прецизен одговор со кој ќе се реши големата „потрага по богатството“, односно идентитетот на личноста закопана во Амфиполис.

„Антрополозите може да кажат дали починатиот е маж или жена, неговата возраст, па дури и висина. Но, не можат, барем со постојните методи и алатки, да дадат прецизно име. Можеби никогаш нема да дознаеме дали починатиот е Касандар, Ифестион, син на Александар или некој друг од македонското кралско семејство“, пишува „Катимерини“, како заклучок од прес-конференцијата на грчкиот министер за култура, Костас Тасулас, викендов во Амфиполис.

Во текстот се забележува дека доколку анализите укажат дека скелетот ѝ припаѓа на жена, тогаш претпоставките ќе се вртат околу идејата дека ѝ припаѓа на сопругата на Александар, Роксана, или на неговата мајка Олимпија.

Како што пренесува весникот, процесот на извршување на ДНК-анализата ќe биде многу комплексен бидејќи за почеток е потребно да се одреди дали коските се во доволно добра состојба за од нив да може да се извлече генетски материјал. Доколку успее тој чекор, следниот потег за да се спореди дали овој скелет има некаква поврзаност со македонското кралско семејство и со Филип Втори ќе биде да се извлече генетски материјал од скелетите во кралската гробница во Вергина. И во овој дел повторно се очекува да се појави проблем поради начинот на кој пред неколку децении биле извлекувани коските.

„Кога коските во Вергина беа најдени од археологот Манолис Андроникос, немаше соодветна процедура на декодирање на ДНК и извлекувањето на коските беше извршено невнимателно, коските беа во директен контакт со рацете на археолозите кои на нив имаат оставено своја ДНК“, пишува „Катимерини“.

Сепак, како што вели весникот, грчките археолози се надеваат дека со развојот на техниките за анализа на ДНК, можеби некогаш понатаму и ќе добијат одговор на големото прашање за покојникот закопан во Амфиполис.

Гробницата во Серес веќе три месеци, односно по посетата на премиерот Андонис Самарас во август, е централна тема во Грција. Археолошкото ископување тече под будното око на грчките медиуми, кои го подгреваат интересот со секојдневно презентирање нови елементи од напредокот на археолошките работи во гробницата.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.