fbpx

Груевски: Паметните нации од секоја криза излегуваат посилни

-

Навраќајќи се на стремежите и оддавајќи почит на жртвите на илинденците и на учесниците во антифашстичката борба, премиерот, Никола Груевски, во свето обраќање пред споменикот на претседателот на Презедиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, во Скопје истакна дека нивната борба е поттик за „нашата борба и за нашиот стремеж кон највисоките цели. Посилна држава, посреќен и помоќен народ во неа“.

– Во времето на нашите илинденци и асномци, стремежот кон највисоката цел беше слободата и државноста која денес ја имаме. Едно од симболичните гестови на оддолжувањето на оваа генерација, се градењето на спомениците на великаните на македонската историја… Но, тоа се симболичните гестови. Најважните чекори во правец на продолжување на нивните дела, е зацврстувањето и напредокот на државата, обезбедувањето на мирот и на безбедноста на земјата и на народот, подобрувањето на животот на народот во секој поглед, развојот на демократијата и на човековите права, развојот на образованието, на економијата, на владеењето на правото, обезбедувањето на стабилност на државата и нејзин континуиран напредок во секој поглед – рече Груевски.

Тој истакна дека повремените кризи се составен дел во развојот на секоја држава, а справувањето и извлекувањето поуки од нив ги „придвижува државите напред“.

„Таков мора да биде случајот и со последната политичка криза во Македонија. Во оваа криза направивме сè, меѓу другото, да го спречиме запирањето на доаѓањето на нови фабрики и компании кои отвораат нови работни места, но и нови перспективи за нашиот народ… Затоа, паметните нации од секоја криза излегуваат посилни. Македонија е држава со мудар народ“, рече премиерот.

Груевски се осврна и на безбедносните предизвици со кои се соочува државата, посочувајќи ги случувањата во Куманово од 9 и од 10 мај, до состојбата со миграционите текови што ги зафатија Европа и земјава.

– Заканите од тероризмот демнат над нас, како и над цела Европа. Радикалните групации отворено се закануваат, а повремено и дејствуваат. Мораме да ги јакнеме нашите капацитети во справувањето со нив и мораме да се справуваме со нив. Неодамнешните настани во Куманово и повремените фрлања бомби или гранати, се само потсетник дека ваквиот вид закани не е само некаде далеку од нас, во Франција или во Белгија, во Норвешка или во Америка, во Ирак или во Сирија. Тие може да дојдат и во нашата улица, пред нашиот влез на зграда или куќа и да ги загрозат нашите животи и животите на нашите блиски – изјави премиерот.

Во врска со мигрантската криза, Груевски посочи дека „таа допрва ќе стане сериозен предизвик“.

– Ако некој мисли дека оваа мигрантска криза е некаков бран кој ќе помине набргу, се лаже. Ова е само почеток на еден вид нова голема преселба на народите, која допрва ќе добие замав. Засега добро се справуваме, но предизвиците ќе се зголемуваат – рече Груевски.

Во однос на прашањето за избор на пратеници во Соранието од дијаспората, што се отвори во разговорите за спроведување на Договорот од Пржино, Груевски во својот говор, соопшти дека „ако тој се прашува, бројот на пратеници од дијаспората треба најмалку да се триплира, а не да се елиминираат и сегашните“.

– Дијаспората, не само што испраќа огромна финансиска помош за нивните блиски во Македонија, туку помага и на многу други начини, преку политички и економски лобирања, но сè повеќе и преку помали или поголеми инвестиции во Македонија. Немојте да го потценувате нивниот труд – истакна Груевски.

Како составен дел на целите кон кои се стреми владата, Груевски ги посочи последните препораки на Европската унија поврзани со поглавјата 23 и 24, на кои, како што рече, „силно и интензивно работиме, за да го зајакнеме, подобриме и надградиме доброто функционирање на државниот систем на повеќе полиња“.

За кризата во Грција, Груевски нагласи дека таа носи штета за Македонија не само економски, туку и политички, „пред сè поради целосно дефокусирање на нашиот сосед од решавањето на нашиот билатерален проблем, што нас цели 7 години, неоправдано нè чини членство во НАТО и веќе слободно можам да кажам и членство во ЕУ“.

– Посакуваме нашиот јужен сосед, побргу да ги надмине актуелните економски предизвици и да го врати фокусот на нашиот билатерален проблем и блокадата врз нас – истакна премиерот, истакнувајќи дека „историјата е важна, но не смее да биде пречка за иднината“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.